Зошто македонското новинарство е килаво, неспособно и му треба промена од корен, говори и последното случување во кое беше инволвиран и порталот cOoLTuRa.mk .

Имено, викендов во Зоолошката градина се родија три мали сибирски тигарчиња. Само неколку часа по нивното доаѓање на свет, се објавија неколку фотографии од истите заедно со едно кратко видео. Со оглед дека се работи за ексклузивни фотографии, истите беа заштитени со воден жиг на порталот.

Вчера (понеделник) наидовме на големо изненадување. Дневник весник Шпиц (кој секаде потенцира дека има најголем тираж) си зеде за право да бесрамно украде слика од cOoLTuRa.mk и да ја објави на својата насловна страница.
Веднаш се реагираше преку мејл, во кој детално се објасни дека е направена кражба, дека за објавена авторска фотографија треба да се плати и да се напомене изворот. Знаејќи дека постои можност некој да даде изговор дека не го видел, се решивме телефонски да ги исконтактираме. Завртевме на бројот 02/3299 ххх на кој објаснивме за што се работи. Ни одговорија дека тоа не бил бројот на весникот туку на магазинот???, по што ни посочија нов број на кој треба да завртиме. Свртевме на 02/2580 ххх, на кој не чекаше одговор дека бројот не е достапен. По неколку обиди, повторно свртивме на првиот број, но овој пат никој не одговараше на истиот.

После неколку часа беше добиен повратен одговор од заменик главниот и одговорен уредник на весникот Шпиц, во кој ни посочи дека се работело за грешка, и дека во утрешниот број ќе се интервенира.
Прашањето е, дека некој може по грешка нешто да украде, да го исече авторот, поточно името на порталот, и како тоа се случило кога истата фотографија беше единствено објавена на cOoLTuRa.mk?
Нејсе, одговорот на cOoLTuRa.mk беше дека извинувањето ќе биде прифатено само доколку му се одвои еднаков простор, и патем дека авторскиот труд и ексклузивноста на фотографијата треба да се валоризираат и да бидат наградени, а во секој случај авторот мора да биде прашан и неговото име да биде посочено.
Еве што излезе во денешното издание на Шпиц, во малечок бокс на втората страница, долу во аголот. Не добивме Извинување туку Исправка, а се вели дека сликата не била потпишана. Дури и да е потпишана, никој не дозволил таа да се користи за комерцијални цели (нели Шпиц е најтиражен весник, а со тоа што нешто ставил на насловна преку истата и заработува), и за крај, се заблагодаруваат за помошта, која патем никој и не им ја понудил. Фактички, нема каење, туку само куртоазно и про форма корегирање.

Крајно непримерно и непрофесионално. Кога законите во Македонија ќе почнат да се почитуваат?