Веќе станува смешно се она што се случува со Универзалната сала. Сагата која трае повеќе од десетина години, веќе се губи поентата за истото да се зборува. Ајде да направиме еден рекапитулар на се она што се случуваше околу неa.
Објектот е изграден само две години по скопскиот земјотрес, во 1965 година. Објектот е платен со средства од донација од 35 земји, а е купен од бугарска фирма од Софија, а не како што многумина шират муабет дека салата е донација од Бугарија. Значи, салата е платена со пари од 35 земји во светот, а изработена и изведена од бугарска фирма.
Во следните скоро 50 години во истата се организирале на 5000 настани со над 6 милиони посетители. Универзална сала ќе остане запаметена како објект во кој се одржуваа бројни изданија на Златно славејче, Скопски фестивал, манифестации како Дванаесет величенствени, Златна буба мара на популарноста, концерт, претстави, политички митинзи и конвенции…
Објектот полека но полека „се трошеше“, и почна иницијативата за промена, надградба, рушење, промена. Идејата за надградба или реконструкција почна уште во времето на градоначалникот Трифун Костовски.
Потоа, Министерството за култура распиша конкурс за изградба на нов објект на истата локација во периодот 2012-2013 година. Победи решението Јајце на „Стоун дизајн“ на архитектите Стојан Павлески и Иван Симеонов, кое според мене е одличен проект со фантастични карактеристики и функционалност, но сепак не соодветен за локацијата, каде би се угушил во просторот, и затворил и соседните објекти, и каде неговата импозантност не би дошла до израз. Истиот би можел да се изведе на простор како оној на Паркови и зеленило на Илинденска, или малку потаму на делот кај салата Борис Трајковски, доколку некој генијалец не реши и таму да гради станбени згради. Би дишел истиот, и имал и пристап од сите страни, а и би имал паркинг.
Проектот тогаш беше наведено дека нема да се гради поради високата потребна цена за изведба (чинам се спомна износ над 60 милиони евра), по што градоначалникот Коце Трајановски најави дека ќе се гради објект со друга форма и според кој истиот ќе чини околу 15 милиони евра, а Институцијата беше преименувана во Конгресен центар „Александар Македонски“, за да на крајот и тој проект се напуши и да се оди на реконструкција и надградба на објектот, преку проект на ГИМ кој истиот беше промовиран пред изборите во 2017 година.
Цели 4 години во мандатот на Шилегов се зборуваше за тоа што тој ќе направи за Универзална, па дури и се одеше на идеја објектот да се сруши и дислоцира, што наиде на револт на скопјани, по што Шилегов ретерираше и пред избори почна со реконструкција, која еве веќе две години е заглавена а не оддава впечаток дека ќе се добие нешто подобро, постабилно и поубаво туку само една обична крпеница, која ќе чини милиони.
Самиот објект е вон функција веќе 9 години. Претходно со години беше на раб на функционалност, запуштен и безбедносно несигурен.
За крај ќе го презентирам мојот личен став без оглед на тоа што советниците на Град Скопје, градоначалничката Арсовска или Министерството за култура ќе одлучат да прават.
Според мене, Универзална сала треба да биде на местото како што е и сега, но срушена до темел, со две нивоа на подземни гаражи со широки и комотни влезови, за да може да ги впие возилата при настани. Треба да биде изградена повторно на ист начин со челични конструкции, со ист изглед и идентичен или нешто поголем габарит, со внатрешност која ќе потсетува на оригиналниот објект, но секако по современ и функционален, со поголем комодитет и придружни простории.
Ова што почна да се прави е една грда крпеница, како дел од надградуваните згради во Карпош и Кисела вода, ќе делува ново, а пак ќе е старо и скапано од внатре. Срушете го, направете паркинг и за еден два камиони и автобуси во него, и барем 200 коли, а потоа нов објект во ист стил и ист изглед.
Јајцето или доколку се одлучи за нешто друго перспективно, Градот и државата е паметно да го изградат на локациите кои веќе ги споменав. Навистина е несериозно за град со оваа големина да единствени сали кои имаат едвај илјада седишта му се оние на Филхармонија и Опера и балет.
Ваква каква што е Универзална, и овој карикатура проект кој почна да се прави во време на Шилегов, доколку Владата сака да го продолжи и истурка ќе биде невидена утка и промашување, а нема да смени ништо, само ќе замачка, залаже и ќе купи година две. На Скопје му треба и сеќавањето за објектот и локацијата, но и функционалност, практичност и попратна инфраструктура.
Универзална е дел од колективната меморија на Скопје.
Александар Ристевски
Извор: Kurir.mk