Каде е, апостоле, нашето мудро поле да ни цути благозаветниот ни оган?

РЕЦЕНЗИЈА на делото: „БАНИЦА 1903 – СТРАТЕГОТ НА МАКЕДОНСКИОТ УНИВЕРЗУМ

Ако светот треба да биде поле за културен натпревар меѓу народите, поле на кое војуваат убавиот пишан збор, хармонијата на сликарските бои, акордите на музиката, поле за процут на цивилизираните народи, еден од водечките македонски воини сигурно ќе биде Зоран Пејковски, плоден македонски писател, кого го красат бројни награди за достигнатите врвови во неговото творештво. Во оваа пригода имам чест да бидам рецензент на неговото најново дело, „БАНИЦА 1903 – СТРАТЕГОТ НА МАКЕДОНСКИОТ УНИВЕРЗУМ“, драмски ораториум во 14 сцени со пролог и епилог. Со суптилниот, возбудлив поетско-драмски јазик, Зоран Пејковски ни презентира една историска епопеја во која централна личност е корифејот на македонската револуционерна ослободителна борба – Стратегот Гоце Делчев.

Силните пораки вткаени низ чекорењето на една врвица на бесмртните, топлината на душата и жестокоста на гневот, куршумот смртоносен во жарот на животот и раскрилените длабоки мисли го оплодуваат зборот „за стиховите да си имаат своја татковина“. Бдеењето на ангелите на мудроста и храброста, демнежот на умирачката во здивот на ѕверот наспроти сјајот на сончевината македонска, опоменуваат и светат низ бисерниот ѓердан од казанија и думи, нанижан во ова дело кое Пејковски го остава во меморијата на потомствата и на судот на историјата. И овој пат, како и низ другите негови дела посветени на големи личности и настани од македонската историја, тој се појавува како неуморен трагач по вистината низ различните временски димензии, низ сочуваните сеќавања на сведоците и нивните потомци, низ достапните документи и напишаните дела на историчарите и публицистите. Зашто, како што вели самиот, „Македонија си има свои светци и апостоли, знаци и патокази кои секогаш ќе ги препознава Универзумот на сите цивилизации“. А Делчев е стратегот на времето-безвремено на минатото и на времето идно. Тој „како избраникот Мојсеј на сите им го отвори патот низ мирнотијата на Универзумот“. (Пејковски) Тоа го знаеја оние што војуваа заедно со него, оние што ја впиваа неговата храброст и мудрост, кои беа огреани од неговата благородна душа, но и оние што продолжија по истиот пат: Димитар Гоштанов, Атанас Спасов Даскалов (Таската Серски), Михаил Чаков, Никола Мутафчиев-Клисарот, Иван Манолев, Атанас Лозанчев, Ѓорѓи Сугарев, Ѓорѓи Пешков, Ѓорѓи Поп Христов, Лука Џеров, Илија Тешовалијата, Ѓорѓи Радев-Бродалијата, Васил Чакаларов, Панко Брашнаров, Павел Шатев…, имени и безимени јунаци во светлата колона на незаборавот.

Главниот мотив да се зафати со проучувањето на ликот на Гоце Делчев (како повод), блескавата ѕвезда на Македонскиот Универзум и уште една од жртвите во низот на македонските предавства, е вгнезден во исклучителниот македонски патриотизам на Пејковски кој тргнал во една макотрпна творечка мисија. Низ различните погледи и видувања, тој го бара зракот на вистината до која стигнуваме чекорејќи по патот претрупан со „крв и коски“. И така, пред олтарот на сите жртвувања создава дело што ќе биде спомник во името на македонските поколенија, а „сите бранови застануваат штом ќе има брег да ги запре“.

Низ 14 драмски сцени, ставени во временската рамка од 1901 до 1946 година, низ патот исполнет со темни маглишта и куси сончеви проблесоци што искрат само во миговите кога треба да се војува за слободата, од Битола до Баница, Загоричани, Кукуш, Софија и Скопје, низ стихуваните и прозни монолози и дијалози се разоткрива големината на Стратегот на Македонскиот Универзум кој „оставил траги зад себе и секогаш отворен пат пред себе“. И кога „настапува време на лути ветрови што не може човечка рака да ги скроти“, подигајќи го борбеното знаме, на своите соборци, Делчев им говори: „Никогаш не заборавајте дека ние не си припаѓаме себеси. Нашиот живот веќе е пожртвуван пред олтарот на делото, и кој од вас ќе го загуби тоа сознание, тој престанува да биде револуционер. И така, нека не се плашиме од смртта. Каде и да нè најде, да ја пречекаме со презир и да ја победиме“.

На 4 мај 1903, цели 15 часа неговите другари се бореа и го гледаа мртвото тело на Гоце, како да беше наведнато над гробот на Македонија. И во тие мигови на една сурова стварност, оптоварена со голема болка за загубата и гнев за предавството, беа свесни дека стојат пред нешто големо, неодминливо, дека во истиот миг се отвора Универзумот на една бесмртност.

На извонреден, мајсторски начин, преку исказите на Гоцевите соборци и блиски, авторот Пејковски нè води низ драматичните моменти кои ја обележале мисијата на Стратегот – да се воздигне духот на народот најпрво да се ослободи во душата од ропството („Тој умееше да војува со зборот, да крене силно востание во свеста“), а потоа да се вооружа и да се подготви за една тешка и долготрајна борба, со свои сопствени сили. Токму затоа, низ сцените на драмскиот ораториум се проткаени разговорите на Делчев со неговите соборци за начините да се снабдат со оружје. Но, за да се дојде до посакуваната цел – внатрешно востание, Делчев бара секој „да ја засили својата енергија да ги оптегне заспаните струи на ровјето“, да се раздвижат сите „чувства кон пожртувавање“. (Пејковски)

Во текстот на драмскиот ораториум заслужен простор се дава на судбината и патот на посмртните останки на Гоце. Всушност тоа е таа патека на љубовта и почитта на револуционерите кон својот водач кому доброволно му се покорувале и го следеле, не како војници заради должност, туку заради неговите човечки доблести. Храбриот Стратег поседувал една блага душа што ја препознавале сите кои му се приближувале.

Пејковски низ бројните спомени на современиците, ја забележал Гоцевата посебна харизма, блискост со луѓето, убедливост во зборот, душата на Гоце во која, „грееше секогаш едно хумано чувство, дури и за најголемите престапници на делото“ (Никола Петров Русински). „Гоце беше најмекиот, најразбран, најуважен соговорник за сите, за секого посебно… Посакуваш да не се разделиш од него, со него да останеш со часови, но на масата доаѓа друг, па Гоце го поканува и него…“ (Климент Шапкарев). „Една пламена реч ги обвиваше сите кои го слушаа. Една нескршлива вера ги заразуваше сите коишто започнуваа да работат со него.“ (Пејо Јаворов). „Ние сами, по своја желба и по свој избор станавме војници на Македонија, ние сами, доброволно, го признававме Гоце за свој началник, зашто тој беше најстариот војник доброволец, најхрабриот, најсмелиот, најпреданиот на Делото, најискусниот меѓу борците, но и најскромниот. Затоа тој беше повеќе од генерал, од армиски командант, тој беше општопризнат и сакан од сите водач на револуционери патриоти“ (Георги Баждаров). Вистински Стратег.

Разработувајќи го, со истанчен сензибилитет на еден извонреден аналитичар, ликот на Делчев, Пејковски ќе запише: „беше жител на секое македонско село, домаќин на секоја македонска трпеза“, „со него зрееше лебот на слободата“, чекорејќи низ оган и носејќи оган во себе и „пак кроток со вдах на благост разгласуваше мудра мисла“. „Како молња со блесок што грми“, „како цвет во ножот и нож во цветот за слободата благосвет плод да има“, остави „длабоки траги во пепелта на времињата што ќе ја менуваат историјата“.

Во ова извонредно дело, Пејковски е воинот кој со перото застанува на бојното поле на незавршените балкански војни. Го крева гласот против предавниците на кои им пресудува, против внатрешните изроди, прашувајќи како и самиот Делчев „дали има народ кој толку трпел од своите синови изроди, како македонскиот“. Низ напишаните редови се чувствува гневот против повторувањето на срамот на кодошлакот и распродавањето на чистите македонски души во мрачните посегања на соседите и на нивните големи ментори за конечно да го решат „македонското прашање.“ А секое конечно решение на едно национално прашање е трагично: промена на име, бришење на историјата, негирање на јазикот. Целосна идентитетска смрт. И токму затоа е присутна современата борба околу туѓото присвојување на големите личности од македонската историја, особено на Стратегот на Македонскиот Универзум – Гоце Делчев. Тој, чија мисла „историјата ја чека овенчана со македонска круна“.

„Кога нè заробија ослободителите, во една татковина остана родната стреа, во друга татковина останаа гробовите“; „во една третина ја прибравме слободата и сите искрвавени спомени, соништата никогаш недосонувани“. (Пејковски) И сè уште ни го одземаат сонот за слободата туѓи грабливи канџи. Гоце живо говори: „Македонија има свои интереси и своја политика. Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец.“ (Писмо на Делчев до Ефрем Каранов) „А имаше отповеќе коски и крв во сите алки на синџирот, што ја растргаа вселената на Универзумот Македонски, единствената заветна Гоцева Татковина“. (Пејковски)

Гоце Делчев болно ја доживува расцепканоста на својот македонски народ, па ќе каже: „Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа“. Затоа, во својата многустрана дејност бил во постојана комуникација со луѓето, со народот и неуморно работел околу негово сплотување и обединување. За Делчев, револуционерите се духовно врзани еден за друг, а ги сврзува, како што вели самиот „заедничкиот долг кон нашиот поробен народ, кому што доброволно сме се зарекле да му служиме.“ Така, тој „мудроста на вековите ја собра, а од сенката на залезот измугри ден…“ Затоа и денес „по сите синори на Македонија ги бараме стапките твои. И распетието на гробот што го носеше со најмачното прашање во искушението: Кој со кого, кој против кого, кој за кого на пушката рамо ѝ подметнал“, оти „Татковината ни стана бездомник на балканските ветришта, суров мегдан за демони и новопронајдена ничија земја, и раска во зениците на светот“. (Пејковски)

Со доблестите што ги поседувал, како Човек и Стратег, Делчев станал легенда уште за времето на неговиот живот. Таа негова аура ќе живее и ќе блеска низ идните генерации македонски револуционери кои ќе го понесат знамето на македонската ослободителна борба. Во Гоце Делчев, неукиот македонски човек виде не само идеолог што ја сфаќа неговата тешка положба, ами собрат што ја носи неговата судбина. Така, уште пред да се даде историска оценка за ликот на Гоце Делчев, таа беше дадена во самиот народ што ја опеа неговата легенда. А песните, заклучува Пејковски „патуваат да ја мотивираат историјата да си ги пронајде хероите“, не заради минатото, туку заради сегашноста и иднината кои „се врзан јазол од предци и потомци, со мудрост за заедничко живеење, со универзалната азбука на светот“.

По патеката на љубовта и грижата, на гордоста македонска, светите коски на Гоце Делчев најдоа упокоение во црквата „Св. Спас“ во Скопје, во столнината на слободна Македонија, на 10 октомври 1946 година, со што беше исполнет неговиот завет. И тука „минатото и сегашноста полетуваат од едно исто гнездо, за да го надлетуваат времето од зачетокот до почетокот“ и така не можат демоните настрвени „од Универзумот да ја одземат исцртаната карта на Македонија“. (Пејковски)

Драмскиот ораториум БАНИЦА 1903 – СТРАТЕГОТ НА МАКЕДОНСКИОТ УНИВЕРЗУМ на авторот Зоран Пејковски е врвно уметничко дело низ кое е отсликано едно мачно време од нашето опстојување, време на неверојатно херојство и страдање не само од окупаторските власти туку и од сопствените изроди и кодоши. Во центарот на драмското дејство е смртта на Гоце Делчев, преставена како ново раѓање – во бесмртноста. Неговата жртва за слободата на Македонија остави неизбришливи траги кои се светост за Македонеците и неизбришлив дел од неговото колективно паметење. Затоа Делчев има заслужно место во вечната куќа на македонскиот опстој и е инспирација на големите автори, каков што е Зоран Пејковски.

 

проф. д-р Виолета Ачкоска

You May Also Like