Педесетина актери од вкупно десет претстави од Македонија и странство ќе се натпреваруваат на 26-тото издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ за единствената награда за високо актерско остварување.
Наградата се состои од златен медалјон со ликот на патронот на фестивалот-актерот Ристо Шишков и парична награда во износ од 1500 евра.
Традиционално фестивалот почнува на 8 септември (сабота) и ќе трае до 12 овој месец.
Директорот на Фестивалот „Ристо Шишков“, Ванчо Ристов Патриков ја соопшти програмата за годинашното издание.
– Селектирани се претставите за фестивалот и во конкуренција имаме десет претстави од Македонија, Бугарија, Србија и Словенија. На свеченото отворање ја имаме најдобрата претстава за оваа година-„Клетници“ од Виктор Иго во изведба на прилепскиот театар. И на ова фестивалско издание нудиме богата програма, интересни театарски постановки, а жирито ќе има навистина тешка задача кому да му ја додели единствената фестивалска награда, рече директорот на ФКТ „Ристо Шишков“, Ванчо Ристов Патриков.
Додаде дека ќе има и богата „офф“ фестивалска програма со промоција на повеќе дела, како и средба на поети од Македонија и Бугарија.
Фестивалската жири комисија ќе ја предводи ланската лауератка, српската актерка Тања Бошковиќ, а членови се професорката Василка Кортенска од Бугарија и македонската актерка, Јоана Поповска.
Фестивалот е потпомогнат од Министерството за култура и општина Струмица.