Втор културен форум „Предание и континуитет“

Престижни музички и ликовни уметници од земјава и странство ќе учествуваат на вториот културен форум „Предание и континуитет“ што од 3-ти до 5 август ќе се одржува во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Како што истакнува Калистрат Санџакоски, дел од организацискиот одбор, годинашното издание ќе биде посветено на тема „Трансхуманизам“ и ќе содржи концерти, дебати, изложби и предавања.

Во рамки на форумот ќе биде прикажана изложбата на скулптури на академскиот вајар Владимир Симоновски и на уметнички фотографии на Таиса Санџакоска.

На првиот форумски ден целовечерен концерт ќе има светски познатиот виртуоз на хармоника Јуриј Шишкин од Руската Федерација. Тој со својата хармоника премиерно ќе интерпретира повеќе дела на класични европски композитори.

Следната вечер на хармоника ќе настапи неговата сонародничка Ања Криштаљева и нашиот музичар Александар Коловски со краток воведен концерт.

Последната вечер од форумот ќе почне со краток концерт на познатиот тромбонист Никола Ристевски. По завршувањето на концертниот дел ќе се одржи дебата „Невробиолошка киборгизација на човекот и креативна емоционалност на вештачка интелегенција – мит или стварност?“.

Во циклусот дебати, според Санџакоски, главна тема за расправа ќе биде „Трансхуманизмот“ кој, како што рече тој, претставува феномен кој ја надградува и според повеќето модерни мислители ја надминува постмодерната идеологија.

Првата дебата ќе биде на тема „Надчовекот и трансчовекот: сличности и разлики“, а ќе учествуваат претставници на философските науки: проф. д-р Иван Џепароски , проф. д-р Сенка Атанасовска и проф. д-р Ристо Солунчев. На вториот ден од форумот ќе се дебатира на темата „Технократските утопии на научната фантастика: за и против“.

За книжевните и филмските аспекти на оваа тема ќе зборуваат: проф. д-р Иван Додовски, д-р Атанас Чуповски, м-р Пантелеј Кондратјук и Крум Велков. Последниот ден ќе се дебатира за „Невробиолошката киборгизација на човекот и креативната емоционалност на вештачката интелигенција – мит или стварност?“, а говорници ќе бидат проф. д-р Стево Божиновски, проф. д-р Андреа Кулаков и м-р Валентин Велчев од Бугарија.

You May Also Like