Ќе се чисти ли корупцијата, или само нè омекнуваат за уставни измени?

Пријатно сум изненаден деновиве од изјавите на две амбасадорки, на САД и на Германија. Единствено што ми пречи, што делува како шаблон кој служи да ги анимира народните маси, за да се омекне ставот за уставни измени, кои се форсира да се случат.

Зборуваат за корупција и дисфункционален систем, а првиот муабет им е дека народот давал мито на доктор или учителка. Значи народот е крив, докторите и учителите, а не функционерите. Драги амбасадорки, моќта е во рацете на тој кој потпишува, тој кој вработува, тој кој казнува, тој кој ја има власта и моќта да одлучува. Ако тие лица се во ред, никој нема да се осмели да бара или зема поткуп. Проблемот со негативна селекција, тој е маката, проблем кој во некаква мерка, вие го наметнавте како странски претставници (не вие лично, туку дел од вашите претходници).  Тоа се послушниците и полтроните кои против волјата на својот народ, не силуваа, прогласија родољуби за терористи, направија терористи во функционери, ни сменија име, идентитет и не продадоа, а во меѓувреме испокрадоа.

Ме фасцинираше коментарот на амбасадорката на САД која рече дека била тука пред десетина години, и дека од денешна гледна точка, не и се верува дека Македонија некогаш ќе го сменела името. Токму така, и нас не ни се верува што се случи.  Но, не заборавајте, Македонија не го смени името, ниту пак македонскиот народ. Името го сменија 80 предавници во Парламентот, кои со црни букви ќе останат во темниот дел од историја на оваа држава, на чело со Заев и неговата свита. Истите како поклон добија држава изминатите 6 години со која прават што сакаат. Референдумот беше неуспешен иако во делови од Македонија имаше 100 % излезност, и тоа во места каде на избори гласаат само 20-30%. Интересно, нели?

Таа екипа стави приучени корумпирани медиокритети, кои одат на манифестации, на настани,вам и на дипломатскиот кор ви се смешкаат и додворуваат, а штом се изгаснат светлата, ги руинираат институциите, ги полнат со непотребни кадри, ги цицаат јавните ресурси и прават злоупотреби, а ги малтретираат тие кои им се спротивставуваат

Ние живееме во паралелен свет. Свет на онлајн медиуми, социјални медиуми и полу диригирани телевизии во кои ликови кои народот ги мрази и презира, им се претставуваат како авторитети и некакви моќници. А  обичниот народот чека да изгубат сила и власт, па да им каже убаво, секој на свој начин. А верувајте, за секого се’ се знае. И кој каде и колку злоупотребил, и од каде зема „аванта“, и што потпишал, и што проневерил… се’ се знае. Проблемот е што нема кој тоа да го процесуира.

Па нели ви е смешно кога некој ќе каже дека не чувал документација повеќе од една година, или дека мистериозно се палат простории на институции, и се ко за чудо гори архивата? Афери се вадат секојдневно и истите се заташкуваат и забораваат, или се местат небитни ликови.

Дадено е премногу сила на луѓе кои обичниот народ ги мрази. Чесните се селат, вредните се повлекуваат, останаа само очајните, сиромашните, идеалистите, ама нив не ги играте. Секој кој има став или интегритет, му се лепи етикета и се шиканира.

Велите сте вложувале во судството. Со милиони низ годините. Како тогаш судството се распаѓа, и никој не верува во истото? Очигледно судството не е само објекти, опрема и обуки, туку и селекција, ама селекцијата изгледа ја прават некои фаци кои некој им дал моќ и власт да одлучуваат.

Очигледно ви се потребни други собирачи на анкети, очигледно треба малку по непосредно комуникација со овдешниот народ, очигледно ви се потребни нови контакти со интелектуалната јавност, а помалку поддршка од стискачи на лајкови. Патем, проверете си ги социјалните медиуми како македонскиот народ реагира кога ќе напишете Северна Македонија или пак северномакедонци. Едноставно, не проаѓа, а раѓа револт и одбивност.

Почитувани, овој народ тука е измачен народ. Измачен од експерименти, од политика на делби. Квази елитите кои ве слушаат, обичниот народ ги мрази, а им се плаши. Затоа народ се сели, а не зошто не е правично застапен, или јазик, или знаме, или празници, или било што. Се сели зошто не водат морони, а нема заштитни механизми и контрола. А на суд и полиција  не верува никој, ниту пак на здравство и образование.

Мое мислење е дека ниту ќе ги смените лоповите и неспособните, ниту дека некој ќе одговара. Затоа прво ќе треба цел систем да се смени, а и да се изградат нови затвори еден куп. Ние ќе бидеме држава кога луѓето ќе почнат за промена да фрлаат ѓубре цивилизирано и да се паркираат прописно, па после се. Оваа анархија е затоа што насилниците, бучните и злобните го малтретираат обичниот кроток народ. А нему му е пукнат филмот. Тој народ неќе да го делите не етнички, ни верски, ни партиски, никако. Само сака ред.

Сево ова е сега за да се смени пак Уставот. За да се тера еден процес кој всушност е наш распад, на рати. Да сакаше ЕУ да не прими, тоа ќе реше одма, преку ноќ. Португалецот ни кажа јасно, во ЕУ барем во следните 15 години, нема. И тоа е тоа!

 

Александар Ристевски

 

П.с. Системот го креираат оние кои одлучуваат: пратениците, градоначалниците, министрите, директорите. Собранието е пристојно во споредба со се она што се’ се протнува преку централната власт. Кај Собранието е проблем што тоа неретко дава легитимитет на луѓе без став и без храброст да издржат во борбата со заробената држава, и што нема реална дебата, туку само надгласување. Немаме функционални контролни механизми. Нема отчет, нема јавност. И за крај, позната реченица за сите проблеми: „Следете ги парите!“ и се ќе ви е јасно.

 

извор: Курир.мк

You May Also Like