Страхил Петровски со „Урбани еха“ во Париз

Уметникот Страхил Петровски во македонската амбасада во Париз, следниот месец (25 октомври) ќе го презентира мултидисциплинарниот проект „Урбани еха“.

Со преку педесеттината црно бели дигитални фотографии поделени во три циклуси архитектура/графити, црно/структури, луѓе/ценки, триптихот дигитални принтови на церада „Прегрнувајќи ја неизвесноста“ и видео записот „Црвена пилула/Сина пилула“, укажува на постоењето на индивидуалниот идентитет во турбулентноста на современиот хаос.

Како што ќе напише кураторот, Маја Чанкуловска-Михајловска, авторот, преку фрагментирани рефлексии на урбаното секојдневие – празни напуштени места, улици, разрушени згради или излози, графити, симболи, знаци, кодови, луѓе, сенки, пароли, бројки…, ја екстрахира есенцијата на егзистенцијата на современиот човек.

Уметникот појаснува дека проектот е негова субјективна реакција и рефлексија на она што ни се случува во ова проблематично и турбулентно време, време на конфликти од секаков тип, политички превирања и разлики, на изместени вредности, безкрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен, кризи кои влијаат на виталноста на целата планета.

Во ова творештво тој се обидува да ги истражи вредностите, постоењето, слободата, напредокот, наспроти цензурата, самоцензурата, кои се спротивставуваат на првичните принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото.

Страхил Петровски дипломирал на ФЛУ, каде што и завршил постдипломски студии. Работи како советник – конзерватор во НУ Национален конзерваторски центар. Член е на ДЛУМ, на ИКОМОС и на ИКОМ. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и приватни колекции, вклучувајќи музеи, галерии во земјата и странство.

You May Also Like