Трибини покрај одбојкарското игралиште во Градскиот парк

Град Скопје интензивно работи на функционалното заокружување на Градската плажа Парк. Изминативе денови екипи на Градот почнаа да градат трибина за одбојкарското игралиште.

Изградбата на трибината ќе се одвива во 3 фази, каде што во првите две фази ќе се одвиваат градежните и бетонските работи, додека во третата фаза ќе бидат поставени клупите на трибините со заштитна ограда. Трибината ќе биде долга 28 метри и ќе има шест реда со клупи за седење, што значи дека околу 200 луѓе ќе можат да следат спортски настани и да се забавуваат на овој дел од градската плажа.

Изградбата на трибината е за овозможување подобри услови на граѓаните коишто ги следат турнирите во одбојка на песок коишто се одржуваат на одбојкарското игралиште на Градската плажа “Парк”.

Се очекува трибината да биде завршена во почетокот од наредната недела.

Средствата за уредување и на овој сегмент од градската плажа ги обезбеди Град Скопје, а работите ги изведува ЈП „Улици и патишта“.

You May Also Like