Настани кои ќе може да ги проследите на Бит Фест за денес, (петок, 15 јули 2011 година) на неговата програма:
– „Со љубов кон Битола“ Вешти жени 20:00 часот, Плоштад Магнолија
– „Калеидоскоп 2“ 3Macedonia Together 20:30 часот, НУ Центар за култура
– „Вишновата градина“ претпремиера 20:00 часот, НУ Народен театар
Многу новини, убави дела и вкусна храна пред почетокот на викендот во Битола.
Во петок на Плоштадот Магнолија од 20:00 часот, дваесетина вешти жени од Битола ќе ги изложат своите торти направени на најразличен несекојдневен начин. Она што ќе биде изложено, всушност ја изразува и љубовта на овие вредни жени кон Битола. Затоа и нивниот настан го носи насловот „Со љубов кон Битола“. И ова културно лето, како и многупати досега Градоначалникот Владимир Талески им дава можност и поддршка на вештите жени од Битола кои своите производи во изминатиот период ги претставувале на многу натпревари низ земјата и надвор од неа, а притоа освоиле и голем број награди.
Истиот ден, петок во 20:30 во фоајето на НУ Центар за култура во Битола ќе биде отворена аматерска уметничка изложба Калеидоскоп 2. Таа претставува дело на младите уметници од Macedonia Together и Гимназијата Јосип Броз Тито од Битола. Традицијата на една култура најдобро се претставува преку уметничкото творештво. Овие млади уметници се најдобри амбасадори кои на посебен начин ја презентираат нашата земја. Тие се полни со идеи и таленти, креативни, создаваат дела кои пленат со својата убавина. На изложбата ќе бидат претставени дела на тројца уметници. Together неколку години со ред организира изложби во соработка со оваа гимназија. Изложбата ќе трае пет дена,а на неа ќе бидат претставени дела на двајца уметници од гимназијата – Андреј Дојчиновски и Даниела Ночевска, а третиот учесник Душан Шешиќ е член на Macedonian Together.
Во 20:00 часот во петок во НУ Народен театар Битола ќе се одигра претпремиерата на театарската претстава Вишновата градина, која за прв пат ќе се постави на сцената на битолскиот народен театар. Премиерата на претставата ,,Вишновата градина” од Чехов, во режија на Ѕвездана Ангеловска е закажана за сабота од 20.00 часот во НУ Народен театар Битола. Претставата е во рамките на Битолското културно лето, а актерскиот предизвик да се работи на дело од Чехов е голем.
„Ликовите во ,,Вишновата градина се живи, плачат. се смеат, тагуваат, негуваат надеж. За мене беше вистински предизвик да се работи на дело од Чехов, кој е автор со неподносливо лесен стил и тешка мисла да се реализира на сцената доколку нема конкретно сценско дејство“ – вели Ангеловска.
Главниот лик во претставата го игра Елена Моше. Настапуваат Викторија Степановска, Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Иван Јерчиќ, Борис Чоревски.
Огнен Дранговски кој го игра ликот на Лопахин Ермолај Алексеевич вели дека тој го игра човекот создаден од средината со соништа да ја спаси Вишновата градина, но кога ќе ја добие нема да знае што да прави со неа. Вели,,Јас сум сиромашен и ги имам само соништата, кога газите, газете полека затоа што тогаш газите по моите соништа“.
„Посебно е тешко да се работи ликот на Љубов Андреевна , кој е многу комплексен и тешко може да се извади од некои клишеа, но се обидов да прикажам една поинаква љубов Андреевна која е жива, пред се човек со сите мани и доблести“ – вели Елена Моше (главен лик во претставата Љубов Андреевна Раневскаја).
Настапуваат: Викторија Степановска, Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Иван Јерчиќ, Борис Чоревски.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Нечак.