Советот за култура на својата денешна седница заклучи дека Министерството за култура во голем процент ја спровело годишната програма за 2010 година, која и покрај рецесијата се реализирале голем број проекти со што се придонело за ефективно остварување на културата и нејзина афирмација и презентација во светот.
Членовите на Советот нагласија дека буџетот бележи зголемување за околу 300 милиони денари, што е охрабрувачки факт. Се потенцира дека е добро што првпат во програмата на Министерството за култура имало крупни проекти и капитални инвестиции чија цел е решавање на долгогодишни проблеми на уметниците.
– Добро е што набрзо ќе бидат завршени и Спомен-домот на Тоше Проески, музејскиот комплекс „Македонската борба за самостојност и државност“, а подоцна и Театарот „Велес“, Стариот театар, како и концертната сала на Македонската филхармонија, изјави академик Цветан Грозданов, во својство на член на Советот.
Беа поздравени обемните активности за систематски археолошки истражувања кои се од големо културно значење, како и големиот број откриени значајни артефакти. Посебно се истакна фактот што во 2010 година имало околу 400 привремено вработени лица во установите од областа на културата.
Според нив, Министерството за култура особено внимание посветува и на претставувањето на македонската култура надвор од границите, а беше потенцирано дека добро е за имиџот на државата тоа што во периодот од 2006 до 2010 година Министерството за култура потпишало 15 програми и спогодби за соработка во областа на културата.
За проектот „Скопје 2014“, Советот смета дека изградени се објекти кои и биле неопходни на културата и дека е нормална пракса во архитектурата тие да се проектирани во мешани архитектонски стилови.