Реконструиран „Мостот на Револуцијата“

Градот Скопје успешно го заврши проектот за реконструкција на  „Мостот на Револуцијата“, што ги поврзува булеварите Кочо Рацин и Крсте Мисирков.  Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, вчера (понеделник, 16.05.2011 година) го предаде во употреба.


Во изминативе неполни пет месеци од стартот на реконструкцијата на мостот беше извршена санација на оштетените бетонски делови на надворешната страна на мостот. Оштетените пешачки патеки од двете страни на мостот беа отстранети, подлогата беше санирана и покриена со печатен бетон. Во текот на градежните работи беше извршена заштита на инсталациите што минуваат преку мостот.

Коловозната конструкција на мостот е целосно обновена и покриена со нов асфалт. Обновени се и рабниците, како и сливниците за одведување на атмосферската вода. Новата ограда на мостот е изработена од ковано железо. Во оградата се монтирани 22 декоративни канделабри. Мостот дополнително го осветлуваат 10 столба од постоечкото улично осветлување. Контурите на мостот ги нагласува линиско осветлување од 114 светилки со ЛЕД диоди, а 6 рефлектори се поставени на лаците – рече денеска градоначалникот Трајановски.

„Мостот на Револуцијата“ е изграден во 1963 година и ова е прва негова реконструкција. На јавниот конкурс за изработка на идејно решение за заштитна ограда и илуминација на „Мостот на Револуцијата“ беше прифатено решението на авторот Зоран Јордановски.

You May Also Like