Вечерва во Мултимедијалниот центар Мала станица, започнува Фестивалот за независен филм и визуелни уметности „4 Синхронизирани градови“.
Локомотива од Скопје во партнерство со Dit’ e Nat’ (Приштина), Balkan Buro (Амстердам) и Kriterion (Сараево) ја организираат оваа манифестација, која ќе трае до 18 декември.
Во периодот септември – декември 2010 година, секој месец последователно, Приштина, Амстердам, Сараево и Скопје се градови домаќини на Фестивалот за независен филм и визуелни уметности – “4 Синхронизирани градови“
Фестивалот произлегол од потребата за создавање на услови за континуирана размена на информации и знаење за новите уметнички и културни креации на Балканот и Западна Европа во доменот на независниот филм и визуелни уметности, чии креатори се младата генерација на уметници и културни работници. Исто така, „4 Синхронизирани градови“ е насочен кон создавање на услови за развој на потребните структурни и човечки капацитети кои ќе ги поврзат различните културни контексти и независни уметнички сцени во изградба на заеднички европски културен капитал.
По успешната реализација на фестивалите во Приштина, Амстердам и Сараево, следи фестивалот во Скопје кој ќе се одржи во периодот од 15 до 18 декември, 2010.
На Скопје ќе му се понуди богата четири дневна програма исполнета со филмови, изложба, презентации, дискусија и музичка програма. Дел од интернационалните гости на фестивалот во Скопје се визуелните уметници: Јоанеке Ламорал-Вичерс, Љуљзим Зекири; филмските режисери: Шота Букоши и Бетани де Форест; Ветон Нуркoлари, директор на Интернационалниот филмски фестивал за краток и документарен филм „Докуфест“ од Призрен, Косово; Ернст ван ден Хемел, универзитетски професор, истражувач и уметнички активист; Александра Секулиќ, проект менаџер во Центарот за културна деконтаминација од Белград, Србија; како и претставници на кураторските тимови од останатите земји-партнери и претставници на партнерските организации.
Филмска програма на филмови од млади режисери од земјите-партнери и нивните преку гранични соседи поделена во 6 тематски програми на краток филм (игран, документарен, анимиран, експериментален и музички видео клипови) и два долгометражни филма. На филмската селекција работеше деветчлен интернационален кураторски тим и селектираше околу 36 филмски наслови како дел од финалната филмска селекција.
Паралелната програма на фестивалот во Скопје има пред сè информативен и едукативен карактер. Таа се состои од неколку презентации и отворена дискусија. Бетани де Форест од Холандија ќе ја претстави својата работа како фотограф, уметник и филмски режисер. Александра Секулиќ од Србија ќе го претстави проектот „Видеографија на регионот”. Додека пак, дел од гостите(-партнери) ќе дадат осврт на актуелната состојба на функционирање на независните културни сцени во 4-те града, што ќе продолжи со отворена дискусија на која ќе се зборува за потребите од ваков тип на соработка, како таа влијаe на локалниот контекст и колкав е нeјзиниот придонес во отворањето на нови можности за работа на уметниците и филмските режисери.
Фестивалот ќе се одржи на неколку локации низ градот, како што се НГМ – Мултимедијалниот центар Мала станица, Културниот центар ЦК, Факултетот за драмски уметности и останати.
Финансиски е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија Европската културна фондација, НЦДО-грант програма: Матра/КПА Трансформација на општеството и малите локални активности, и Фонд за уметности на Амстердам.