Саботни туристички прошетки низ Скопје

Град Скопје, Секторот за локален економски развој на Град Скопје, во соработка со ЈСП Турс-Скопје и Скопско туристичко лето, со цел да се збогати туристичката понуда во градот Скопје, организираат туристички прошетки низ културно – историските споменици и знаменитости во Скопје и неговата околина.

Скопје зе збогатува со културни содржини
Скопје зе збогатува со културни содржини

Првата тура предвидено е да биде реализирана на 16-ти април (сабота) 2011година и да се изведува стандардно секоја сабота. Цената на билетот за овие туристички прошетки ќе изнесува 150 ден.

Туристичките тури ќе се одвиваат по две различни траси, односно посета на културно-историските знаменитости во централното градско подрачје и Старата скопска чаршија, со запознавање на мулти етничкиот начин на живеење низ вековите во Скопје, типичната гастрономија и автентичната архитектура, како и посета на археолошкиот локалитет Скупи, неолитската населба Тумба Маџари, кањонот Матка, Парк-шумата Водно со манастирот Св.Пантелејмон и Марковиот Манастир во околината на Скопје.

Едната туристичка тура ќе се изведува на следниов начин:

– Поаѓање во 10 часот од паркингот на Музејот на град Скопје, Стара железничка станица, со автобус и посета на парк-шумата Водно. Задржување на Средно Водно околу 15-20мин. и упатување кон манастирот Свети Пантелејмон. Разгледување на околината и посета на манастирот околу 30-40 мин. Во 12 часот поаѓање кон археолошкиот локалитет Скупи. Во локалитетот Скупи би се задржувале најмногу 30 мин. Одовде би се упатиле кон спортско-рекреативниот центар и Споменик на природата – Кањон Матка и пристигнување околу 13:45 мин. Во кањонот Матка е предвидено задржување околу еден час и поаѓање назад кон Скопје во 15 часот.

Втора траса по којашто ќе се изведува туристичката тура е следната:

– Поаѓање во 10 часот од Музејот на град Скопје, односно Старата железничка станица и упатување кон Старата скопска чаршија пешки, со попатно разгледување и посета на Спомен куќата на Мајка Тереза, па преку Камениот Мост посета на Даут Пашиниот Амам, Сули Ан, црквата Св.Спас, Музејот на Македонија, Куршумли Ан и Скопското Кале. Времето одредено за оваа прошетка е околу 2 часа, односно до 12 часот.

Потоа од паркингот пред Калето со автобус се оди во археолошкиот локалитет Скупи, каде што се останува околу 30-тина минути и околу 13 часот се поаѓа во неолитската населба Тумба Маџари. Овде групата се задржува околу 20-тина минути и продолжува кон Марковиот Манастир во околината на Скопје. Посетата на црквата Свети Димитрија или Марковиот Манастир, каде што ќе се престојува до 15 часот, всушност е и крајната дестинација на оваа туристичка тура.

Туристичките тури ќе ги изведуваат лиценцирани туристички водичи во високо квалитетни туристички автобуси и со неопходната техничка опрема за туристички прошетки.

You May Also Like