Продолжена пешачката патека во кањонот на Матка

Реконструкција на пешачката патека во кањонот Матка, од црквата „Свети  Андреа“ до месноста Висок рид, е проекти кој го реализира Град Скопје. Пешачката патека е долга 4.000 метри, а се протега целосно по должината на брегот на вештачкото езеро Матка.

Градоначалникот Коце Трајановски, денеска (19.04.2011 година) и официјално ја пушти во употреба реконструираната патека.

– По должината на патеката во кањонот Матка е монтирана заштитна ограда со вкупна должина од 600 метри, изработена од челични профили и со висина од 110 сантиметри. Реконструирана е и самата патека со камен, а на неколку места на патеката се направени проширувања од 1,20 метри на коишто ќе бидат поставени клупи и корпи за отпадоци. Оградата по должината на оваа пешачка патека ја поставивме за да се зголеми безбедноста на посетителите и рекреативците кои што ја користат. Ги потсетувам граѓаните внимателно да се движат по обележаната патека во кањонот – изјави Трајановски.

Реконструкцијата е реализирана во согласност со сите стандарди за изведба на вакви патеки сместени во национално заштитени еко-простори.

Патеката по должината на кањонот Матка е пробиена како пилот патека за изведба на железничка траса и е делумно вдлабена во карпите, со несоодветна широчина за движење. Оттука е и потребата таа да се реконструира и да се адаптира за полесно и што посигурно движење на многубројните рекреативци, туристи и посетители на кањонот Матка и на неговите природни убавини.

Патеката е работена во исклучително тешки услови, а поради тешко пристапните предели, внимателно ќе се изработуваат и патеките од Висок рид до пештерата Врело, како и пристапните патеки до пештерите во Матка и оние внатре во самата пештера Врело.

You May Also Like