На VII меѓународен хорски фестивал во Пардубице (Чешка) кој се одржа од 30 јуни до 3 јули 2011 година, Женскиот младински хор при МКЦ под диригентство на Сашо Татарчевски беше едногласно прогласен за најдобар хор од жирито и од претставниците на сите други хорови кои учествуваа во натпреварувачкиот дел од фестивалот.
Освен трофејот на Бохуслав Мартину, хорот беше награден и со диплома за најдобра изведба на обврзна композиција. Во ревијалниот дел на фестивалот хорот одржа уште два концерта во Пардубице и еден концерт на духовна музика во катедралата Св.Никола која се наоѓа на главниот плоштад во Прага. Репертоарот на хорот за оваа турнеја опфати композиции од Анимуча, Феста, Гуно, Ведељ, Бортњански, Мартину, Скаловски, Шуплевски и Стојков.
Со ова Женскиот младински хор при МКЦ ја продолжи успешната серија претставувања на Македонската хорска продуктивна и репродуктивна уметност пред меѓународната публика.