Кенијските марантонци најдобри на 5-тиот Скопски маратон

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, од пред Плоштадот Македонија, го означи стартот на полумаратонската и маратонската трка што се одржа вчера, во рамките на 5-тиот СКОПСКИ МАРАТОН 2011.

Стартот на хуманитарната трка на 5000 метри го означи шефот на Делегацијата на Европската комисија во Република Македонија, Петер Соренсен. Во трката на 5км покрај Соренсен, трчаше и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Диме Спасов.

Градоначалникот Трајановски на најдобрите маратонци на  трката на 42.195 км, им ги додели и наградите, а вкупниот награден фонд на оваа традиционална спортска манифестација, годинава изнесуваше 10.000 евра. Така најдобар пласман меѓу мажите имаа двајцата кенијци, Диксон Терер и Едвин Руто, додека трет на целта стигна атлетичарот Атила Хегаљаљ од  Бугарија. Меѓу жените најдобри беа Сесилија Варутумо од Кенија, Слаѓана Перуновиќ од Црна Гора и унгарката Каталин Фаркаш.

Во полумаратонска трка на 21.097 км, прв во конкуренција на мажи заврши србинот, Мирослав Комарчевиќ, втор на целта стигна нашиот Александар Кираџиев, а трет беше Иван Мискељин  од Србија. Во женска конкуренција првите три атлетичарки беа: Елена Моада од Романија, Ксенија Бубњевиќ од Србија и романката Александра Цретан.

Средношколката Марија Стојчевска, ученичка во гимназијата „Орце Николов“  беше најдобра во конкуренција на жени на трката за рекреативци на 5000 м, втора беше Фросина Ристеска, а трета заврши Клаудија Екер. Во машка конкуренција, во линијата на финишот прв влезе Никола Кутаноски, втор беше Александар Стојановски, а третото место му припадна на Кире Стојановски.

Годинава дел од котизацијата  за трката на 5000 метри  – Хумани и активни беше наменета за хуманитарни цели. Котизацијата за оваа трка беше 200 денари од којшто 50 денари од секоја котизацијата на хуманитарната трка ќе бидат донирани на здружението „Дајте ни крилја“.

За најдобар македонски маратонец на вчерашниот Скопски маратон беше прогласен Ѓорѓи Трендафилов (6) и Благица Јовановска кај жените, којашто заврши петта постигнувајќи го новиот рекорд за Република Македонија.

Новина, годинава е што во рамки на Маратонот, беше реализирана уште една придружна манифестација, БАЛКАНСКОТО ПРВЕНСТВО ВО МАРАТОН. Новина за оваа година е и што Скопскиот маратон влезе во листата на маратони на ИААФ на кој може да се исполни норма за учество на Светското првенство во атлетика во 2011 година во Јужна Кореја, и за учество на Олимписките игри во 2012 во Лондон.

Во рамки на годинешното мини јубилејно издание ан СКОПСКИОТ МАРАТОН 2011 беа пријавени околу 3000 тркачи скоро од целиот свет. Во Скопје дојдоа маратонци од: Турција, Србија, Црна Гора, Бугарија, Романија, Албанија, Унгарија, Молдавија, Бугарија, Кенија  и Македонија.

Како најава на Скопскиот маратон на 17 април на кејот на реката Вардар се одржа Скопски Мини Маратон на којшто учествуваа околу 300 деца од основните училишта на територија на град Скопје. Оваа година Скопскиот маратон оствари соработка со неколку други маратони од Европа, како со маратоните во Прага, Рим, Истанбул, Торино, Раденци и Загреб. Како резултат на таа соработка делегација на Скопскиот маратон беше гостин на полумаратонот во Прага на 2 април каде што со 9000 флаери беше промовиран нашиот маратон.

Во организацијата на маратонот беа вклучени околу 300 волонтери и околу 200 припадници на Сообраќајната полиција, а голема помош во организацијата  и реализацијата на овој најголем спортски настан во градов даваат и вработените во сите Јавни претпријатија на Градот Скопје.

Прв пат оваа година  беа воведени и специјални чипови за мерење на времето на натпреварувачите, што беа вградени во внатрешната страна на стартните броеви.

Скопскиот маратон  како традиционална манифестација е во организација на Град Скопје, Сојузот на спортови на Скопје, Атлетската федерација  на Македонија и Атлетскиот клуб „Работнички“ и Делегацијата на ЕУ во Република Македонија.

You May Also Like