Интересна патувачка ликовна колонија, под мотото “Уметност без граници“, во рамките на која уметници од 4 балкански држави ќе се дружат и ќе создаваат ликовни дела во повеќе техники.
Од 15 до 22 јули 2011 година, во организација на здружението „TEP-DER Tepecik District Economic, Social, Cultural, Sportive, and Scientific Activities Association“ од градот Тепеџик, Турција, во повеќе градови на Македонија, Грција и Косово, ќе се одржи манифестацијата “Балкански културни средби“, која има за цел да се воспостават нови пријателства и културен дијалог меѓу лица од различно етничко потекло.
Предвидено е во градовите кои ќе се посетат, уметниците да творат ликовни дела, кои ќе бидат изложени во Неготино, Македонија, како и во галерии во Турција.
На 21 јули, караванот со уметниците ќе гостува во Битола. Во периодот од 10:00 до 14:00 часот, уметниците ќе творат во дворот на некогашната воена гимназија (Денешен Музеј), во која, дел од своето образование завршил таткото на модерната турска држава, Мустафа Кемал Ататурк. Во рамките на манифестацијата, во 12:00 часот, во Спомен собата на Ататурк, предвидена е средба со новинарите, поздравни говори, како и доделување плакети и благодарници.
Во Битола, коорганизатор на „Балканските културни средби“ е Македонско – турското здружение „Мустафа Кемал Ататурк“ – Битола.