Отворена градската плажа „Камен мост“

Вчера и официјално се отвори за посетителите Градската плажа „Камени мост“, на левата страна од кејот на реката Вардар, на просторот меѓу мостот „Гоце Делчев“ и Камениот мост. Новата градска плажа за отворена ја прогласија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски.

– Ми претставува особено задоволство што денеска ја отвораме втората градска плажа на кејот на Вардар. Под мотото „На чекор од тебе“ плажата „Камени мост“ ќе претставува ново културно катче во градот, а на посетителите ќе им понуди пријатно место за одмор и рекреација и можност за разладување во топлите летни денови. Градските плажи во поблиското минато биле дел од забавниот и од рекреативниот живот на скопјани, а одењето на плажа било мода. Со овој проект го враќаме духот на Скопје, придонесуваме градот да продолжи да освојува со својот шарм и да ја продолжи својата урбана традиција. Градската плажа „Камени мост“ се протега на површина од 1.775 квадратни метри, на којашто се поставени стреи и урбана опрема од монтажен карактер –  дрвени платформи, 20 маси, 80 столчиња и 80 лежалки. Подлогата на плажата е од ситен песок. На плажата се поставени и четири шанкови, детско катче со лулашки и бина за одржување манифестации – рече денеска градоначалникот Трајановски.

За посетителите, на Градската плажа „Камени мост“ се монтирани четири тушеви, четири соблекувални, две украсни чешми за вода, две паркинг-места за велосипеди и 15 корпи за отпадоци. Амбиентот на плажата го дополнуваат 15 палми кои што го зазеленуваат просторот.

Дел од Градската плажа „Камени мост“ е и одбојкарското игралиште со димензии 22,5 на 15 метри. Игралиштето ги задоволува сите стандарди за одигрување градски и национални натпревари. Теренот е заштитен со жичена ограда и плетена мрежа, а го осветлуваат 4 рефлектори. Тоа овозможува игралиштето да се користи и во вечерните часови.

Пристапот до Градската плажа „Камени мост“ е обезбеден преку скалите што водат од мостот „Гоце Делчев“, а се изведуваат и дополнителни метални скалила. За лицата со посебни потреби е изградена рампа што води од Камениот мост. За пристап од плажата кон шеталиштето и ролерско-велосипедската патека на кејот се изведени скалила на три места.

Градската плажа на кејот на Вардар ќе работи од 10 до 24  часот, а граѓаните ќе може бесплатно да ја користат. На плажата се поставени  табли за „Забрането капење“.

За изградба на плажата Градот Скопје вложи околу 9 милиони денари, а на терен работеа екипите на градежната фирма „Алкон проект“. На јавниот оглас што го распиша Градот Скопје за користење на четирите шанка на Градската плажа „Камени мост“ победи „Градска плажа груп – СИЗ Скопје“ („Бастион“, „Опиум“, „Стоби“ и „Бел Груп“) којшто ќе плаќа закуп на просторот (корисна површина од 500 квадратни метри) од 5 денари за квадратен метар дневно.

 

You May Also Like