Oдбележана 100-годишнината од крајот на Првата светска војна во Битола

Дипломатскиот кор во Република Македонија, претставници на Собранието и Владата, градоначалниците на Битола и Новаци, претставници на АРМ, верските заедници и здруженија на граѓани го одбележаа 11 Ноември – Денот на примирјето и 100-годишнината од крајот на Првата светска војна.

На француските и германските воени гробишта во Битола, пригодни обраќања одржаа амбасадорите Кристијан Тимоние и Томас Герберих кои заеднички истакнаа дека Европа денес претставува континент на мирот и благосостојбата.

-Првата светска војна драстично го промени животот на луѓето, општествата и државите во Европа. Да се потсетиме заедно на овој кошмар е сржта на нашиот пристап кон европската интеграција. Ова сеќавање треба и во денешно време да опоменува за мирот. Тоа обврзува да покажеме дека извлековме поука од искуствата на разорниот век, рече меѓудругото германскиот амбасадор Герберих на комеморацијата што се одржа на француските воени гробишта во Битола.

Според востановената традиција, на традиционалниот комеморативен собир во Битола се обрати и францускиот амбасадор Тимоние и тој порача дека мирот е нешто најдрагоцено што го има во Европа, а за тоа придонесува и Македонија.

-Македонија денес поставува камен темелник на новата изградба на Европа. Европа во мир. Пред портите на Европа има притисоци и тензии, настани кои што може да наштетат, и затоа нашата порака е сите да се обединиме, и сите држави да го дадат својот придонес во изградбата на Европа на иднината, бидејќи кога е во прашање изградбата на Европа, тогаш нема мали или големи држави, сите треба да го дадат својот придонес и да имаат одговорност во тоа, посочи Тимоние.

По повод 100-годишнината од крајот на Првата светска војна, средношколци од гимназијата „Томас Пескет“ од францускиот град Кутанс и битолската гимназија „Јосип Броз Тито“, заеднички изработија и промовираа скулптура гулаб на мирот.

фото: МИА

You May Also Like