Центарот за меѓукултурен дијалог ја најавува конференцијата Look beyond , која ќе се одржи на 10 и 11 јуни, во Конгресниот центар на Скопски саем.
‘Look Beyond’ е дводневна конференција и има за главна цел да ја анализира и оцени улогата на Европската програма за млади ‘Млади во акција’, врз развојот на младинската работа и младинската политика во Европа. Програмата ‘Mлади во акција’ се реализираше во период од 2007-2013 година, со вкупен буџет од 885 мил. евра, преку кој илјадници организации реализираа проекти во насока на подобрување на активното граѓанство на младите. Конференцијата ќе продискутира за тоа дали активностите организирани во рамки на оваа програма ги имаа посакуваните ефекти; До кое ниво меѓународните обуки ги поттикнаа младинските лидери повеќе да дејствуваат на локалните проблеми во заедниците? Колку меѓународните вмрежувања ги зајакнаа меѓукултурните врски на локално ниво? Кои се одржливите ефекти од 7 годишните партнерства, мобилност и едукација?
Во двата дена претставници на младинските организации ќе разговараат за овие и други предизвици креирајќи насоки за поуспешно искористување на новата Ерасмус плус програма.
Kонференцијата ќе собере преку 70 младински организации од Македонија и Европа, експерти, претставници на Европска комисија, SALTO ресурсни центри, Европскиот младински форум, Партнерство за млади на ЕУ и Совет на Европа, млади истражувачи, младински работници и млади луѓе. Програмата вклучува 6 пленарни сесии, 7 работилници, 4 презентации, 19 гости говорници, Саем за младинска работа и безброј можности за вмрежување. Ова е единствен настан во Македонија од ваков тип, кој на едно место ќе собере преку 200 преставници на младинскиот и граѓански сектор од цела Европа, со значајно присуство на Европските институции.
Во изминатиот период Центар за меѓукултурен дијалог исто така спроведе и истражување со цел да го испита влијанието на програмата ‘Млади во акција’ од аспект на младински организации и тоа колку проектите реализирани во рамки на програмата имаат ефекти врз развојот на системите за поддршка на млади на локално ниво. Преку 100 организации учествуваа во ова истражување и резултатите ќе бидат објавени за време на конференцијата, на 10 Јуни.