Македонците во Грција бараат признавање и право на образование на македонски во училиштата

(11 Ноември 2018 година, Лерин) Денес во Горно Врбени (Ксино Неро на грчки), леринско, се одржа третиот Конгрес на Македонската партија во Грција – Виножито.

Селото, но и сите приодни патишта кон него, два дена беа под силно полициско обезбедување, поради најавените протести на нео-фашистичката партија Златна Зора.

Одржувањето на конгресот беше најавено со голема парола на грчки и на македонски јазик, закачена во центарот на селото Горно Врбени на која пишува – Силно! Напред! Успех! Паролата веднаш го привлече вниманието на локалната полиција и на локалните политичари кои вчера до доцна во ноќта преговарале со организаторите на конгресот паролата да се тргне, но таа остана сред село и денес.

Третиот конгрес на Македонската партија Виножито побара признавање на Македонците и воведување на Македонскиот јазик во образовниот систем на државните училишта во Грција, заради што испратија и петиција до Владата во Атина.

Партијата донесе одлука за учество на наредните избори во Грција за европскиот Парламент, доколку за тоа успеат да соберат доволно пари.

Конгресот го усвои извештајот за досегашната работа на Виножито и го прошири составот на Централниот комитет со седум нови члена, што во партијата се толкува како голем успех затоа што сѐ повеќе млади Македонци почнуваат да се интересираат за активностите на партијата.

За потпретседател на Европската слободна алијанса (ЕФА) – асоцијација на малцинските партии во Европа, Конгресот го номинираше Јоргос Пападакис.

Во согласност со одлука на Судот за човекови права во Стразбур, Виножито од грчките власти уште еднаш побара Судот во Грција да изврши регистрација на Домот на македонската култура во Лерин, иако Владата во Атина одбива да издаде дозвола за регистрација и работа на Домот.

Во однос на Договорот од Преспа, Виножито остана на претходниот став соопштен на 19 август годинава за тоа дека тие се против каква било промена на уставното име на Република Македонија, но не и против дијалогот помеѓу двете држави.

Поздравна телеграма до Третиот конгрес на Македонската партија Виножито испратија Светскиот Македонски Конгрес, Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Сојузот на Македонците со исламска религија и Матицата на иселениците од Македонија…

Прочитај повеќе: ТУКА

You May Also Like