Започна изградбата на паркингот пред Зоо Скопје

Денеска (30.05.2011 година) градоначалникот Коце Трајановски, го означи почетокот на градежните работи на новото паркиралиште кое што ќе се гради пред објектот на Зоолошката градина, од неговата десната страна.

Новиот паркинг-простор за 93 возила ќе го олесни паркирањето за сите посетители на Зоолошката, која што прерасна во модерна Зоолошка градина со уредени и безбедни живеалишта, нови животни и бројни забавни содржини. Градот Скопје за овој проект од Буџетот ќе одвои околу 9,8 милиони денари – рече градоначалникот Трајановски.

– Новото паркиралиште е широко 18 метри, а долго 152 метри. На површина од 2.671 квадратен метар ќе се направи ископ, просторот ќе се тампонира и ќе се асфалтира. Во текот на градежните работи на паркиралиштето ќе се постави атмосферска канализација долга 180 метри (Ф 300) која што ќе овозможи одведување на атмосферските води.

Меѓу тротоарот на булеварот Илинден и паркиралиштето ќе се оформи зелен појас со ширина од 10 метри. На новото паркиралиште ќе бидат поставени 7 (седум) двокраки конзоли за осветлување од страната на булеварот Илинден и 4 (четири) нови еднокраки столба за осветлување од страната на објектот на Зоолошката градина.

На изградба на новото паркиралиште ќе работат екипите на градежната компанија „Жикол“ од Скопје, а рокот за изградба е седум месеци. Градоначалникот Трајановски исто така ја посети Зоолошката градина и се информираше за тековните активности околу изградбата на нови живеалишта.

You May Also Like