Македонија со свој павилјон на Венециското биенале

Државниот секретар во Министерството за култура Дарко Стефановски утре (петок, 2 јуни 2011 година) во 16:00 часот во палатата „Песаро Папафава“ во Венеција ќе се обрати на отворањето на македонскиот павилјон во рамките на 54 – тото издание на Венециското биенале на уметноста, кое ќе се одржува од 4 јуни до 27 ноември.

Свои обраќања ќе имаат и Маја Крстевска, директор на Националната галерија на Македонија и Амон Бајрамовски, генерален конзул на Р. Македонија во Венеција, а предвиден е и музички настап на групата „Лa Колони волвокс“.

Претставувањето на Република Македонија на оваа престижна манифестација е од големо значење и можност за промоција на македонската култура и уметност, пред земјите учесници од целиот свет.

Токму затоа, Република Македонија, и годинава, како и пред две години, на оваа значајна манифестација, во чии рамки секоја година се претставуваат најновите достигнувања во областа на уметноста, филмот, театарот, танцот и архитектурата, е претставена со два проекта. Преку комесарите-носители на проектите, Националната галерија на Македонија и Центарот за култура „Марко Цепенков” од Прилеп, нашата држава ја претставуваат групата „Зеро” со „Досие шлепер” и „Прескок” на скулпторот Жарко Башески.

Република Македонија по деветти пат се претставува на Биеналето на уметноста во Венеција, чија тема годинава е „ИЛУМИнации“.

You May Also Like