Вечерва, (30 мај 2011 година, понеделник) на сцената „Кутија“ во Универзална сала, премиерно ќе биде изведена претставата „Магија еделвајс“ работена по текстот „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски, а во режија на Игор Ивковиќ.
„Магија еделвајс“ е претстава која зборува за моќта на љубовта. И тоа онаа која е лишена од политички, религиски, идеолошки стереотипи и предрасуди. Базирана на текстот „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски, претставата „Магија еделвајс“ е одговор на вековните предрасуди со кои се соочува нашето поднебје. Оваа претстава „дрско“ се спротивставува на вековните клишеа.
„Магија еделвајс“ ја величи љубовта меѓу Елени Каринте и Кемал Ататурк, меѓу Осман Бег и Цвета, или Едис и Икономо. Ова е претстава која ги поместува наметнатите бариери и ги потенцира високите морални вредности.“
Во претставата играат младите професионални актери: Симона Ѓокиќ, Филип Кипровски, Фаик Мефаиловски, Анастасија Ашкилова, Влатко Толески, Дарко Богески и Катерина Сековска.
– Со „Магија еделвајс“ ТЕАТАР 007 ја заокружува богатата сезона 2010/2011. Во изминатиот период, со гордост може да кажеме дека како Независна театарска продукција, која почна да работи во рамките на Универзална сала, направивме повеќе исклучителни театарски проекти, кои наидоа на голем одзив од публиката. Особено сме среќни, што годинава ТЕАТАР 007, направи две претстави за деца: „Дедо мраз и пријателите“ – новогодишниот спектакл и претставата „Сината птица“ која воедно е првата УВ претстава, изјавува продуцентот Миодраг Костиќ.
Почетокот на претставата е 20 часот. Првата реприза е закажана за 7 јуни, на сцената „Кутија“ во Универзална сала – Скопје.