Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, го означи почетокот на градежните работи на новите живеалишта за слон и за жирафа.
-Новите живеалишта за слонот и за жирафата ќе се градат на површина од околу 4.000 квадратни метри, објектите ќе се простираат на околу 400 м2, а ќе се градат веднаш зад Едукативниот центар во ЗОО-Скопје. Проектот ќе чини околу 15 милиони денари, пари што ќе бидат целосно обезбедени од Буџетот на Град Скопје. Рокот за изведба на живеалиштата пропишан со договорот е 5 месеци, па оттука можеме да очекуваме дека при крајот на оваа календарска година, на задоволство на сите граѓани на Скопје, во Зоолошката градина, ќе пристигнат новите жители, слонот и жирафата, истакна градоначалникот Трајановски.
Градоначалникот Трајановски, ја искористи можноста да им се заблагодари на сите донатори што до сега, несебично, вложувале, но и во иднина ќе вложуваат парични средства за реновирање и обнова на ликот на Зоолошката градина во Скопје.
Живеалиштата за слонот и за жирафата, ќе бидат од цврста градба, со комплетна инфраструктура, со подно греење и покрив со површина од 350 м2, од битуменска шиндра во зелена боја, а надворешно ќе биде поставен канал и базен со вода.
Поранешниот директор на Зоолошката градина во Скопје, Дане Кузмановски рече дека во ЗОО-Скопје, континуирано се работи на обнова на животинскиот фонд, па така се очекува годинава да пристигнат нови зебри, американски бизони, змии и друго.
-Преговорите со ЕАЗА, за слон и за жирафа се веќе отпочнати, се надевам дека на есен, во месец септември, тие ќе пристигнат во скопската Зоолошка градина и ќе бидат своевидна атракција за сите жители на Скопје и Македонија. Како што ветивме така и е, изградбата на новите живеалишта за слонот и жирафата ја отпочнуваме, токму навреме, оваа пролет, но со ангажманот на новите волонтерски работници, искрено се надевам дека нашата Зоолошка градина, ќе биде достојно место за посета и за живот на нејзините постојани жители, животните, посочи Кузмановски.
Објектите за новите домови на слонот и на жирафата, ќе се градат зад Едукативниот центар во ЗОО-Скопје, инвеститор е Градот Скопје, а изведувач на градежните работи е фирмата „Алкон проект“.