Промовирана програмата „Лице в лице СЕНС“

На летната сцена на центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга викендов беше промовирана новата програма на уличното списание „Лице в лице“, насловена „Лице в лице СЕНС“.

Новата програма, како што истакна уредничката на списанието Климентина Илијевски, е дизајнирана со цел на бесмисленостите кои ги среќаваме секојдневно да им дадеме смисла и да поттикнеме акција за нивно решавање. Промоцијата беше во рамките на 6. Издание на фестивалот за процесирање култура ДримОн, а според Илијевски, изборот не е случаен.

– Отворените умови што стојат зад фестивалот го забележале недостатокот на култура во градот и со својата акција даваат соодветен одговор, исто како што СЕНС ќе дава одговор на бесмисленостите кои што ќе ги согледува заедно со нашата заедница, истакна Илијевски.

Токму тоа беа и забелешките на стружани на промоцијата на СЕНС. Тие посочија дека бесмислено е што Струга ја нарекуваат град на културата, а функционираат само кладилниците и казината.

– Струга е позната и како град на спортот, а нема базен. Имаме огромна сала за култура во која најголемиот дел штекери не функцинораат …., се само дел од реакциите на стружани.

Националниот координатор за култура во кабинетот на премиерот и поранешен министер, Роберт Алаѓозовски рече дека освен политичка воља за определени сегменти да се адресираат, потребна и општествено оправдана структура, но, според него, и тоа е процес.

– Очекувам и се надевам дека навистина ќе ги спроведуваме агендите што се во корист на граѓаните, истакна Алаѓозоски на промоцијата.

Професорот Небојша Вилиќ смета дека граѓанинот има сила работите да ги преземе во свои раце.

– Гледам дека институциите се расположени и се надевам дека ќе имплементираат соодветна законска рамка на подолг рок. Мораме да бидеме внимателни и трпеливи. Културата секогаш се работи долгорочно и ефектите се долгорочни, подвлече Вилиќ.

СЕНС програмата содржи нотеси од рециклирана хартија на кои можеме да ги запишеме нашите планови и ќе не потсетуваат да не заборавиме каква планета и општество им оставаме на нашите деца. Визуелните решенија се на уметниците Ване Костуранов и на Зоран Инадески.

Првите три колекции на нотеси и други аксесоари ги таргетираат родителството, уметноста и го охрабруваат користењето на велосипедот како основно превозно средство.

You May Also Like