Среда (27 јули) на Бит Фест

Денес, (среда 27 јули 2011 година) ќе можа да проследите на програмата на БИТ ФЕСТ:

9:00- 24:00 часот ,,Допрете го срцето на Македонија” Здружението на уметници ракотворци од Битола

Преку своите штандови поставени на Широк Сокак до втори август ќе им овозможува на граѓаните да се потсетат на историјата, на традицијата, на убавото, на големината на делата направени од вештите раце на ракотворците.

На овој традиционален настан покрај домаќините – ракотворците од Битола учество ќе земат и ракотворци од Куманово, Пробиштип, Прилеп и други македонски градови.  Искористувајќи ги природните материјали ракотворците ќе претстават изработки од дрво, кожа, волна, стакло. Презентираниот накит, народните носии и останатите ракотворби една недела ќе не потсетуваат на минатото, на историјата, ќе не соочат со сегашноста и ќе го покажат вистинскиот спој на она што било некогаш со времето што доаѓа.

Изминатите години здружението може да се пофали со успешноста на умешноста низ моќта на рацете да се допре до срцето, до кое што не секој може да допре.  Не е доволно да се знае, потребно е да се почувствува убавината на она што ја прави една земја посебна.  ,,Допрете го срцето на Македонија” е ретка можност на едно место да се согледаат голем број специфичности и карактеристики на одделни делови на Македонија.

20:30 часот Концерт на класична музика со Ивана Наумовска (пијано) – НУ Завод и музеј

Родена 1988 година во Битола, своето основно музичко образование го започна во родниот град, а заврши во Херцег Нови.  Уште во тој период настапуваше на бројни натпревари на кои освојуваше први награди. Средно музичко образование заврши во Белград, во класата на Мирјана Ѓорѓевиќ.  И овој период го одбележуваат нејзини бројни настапи.

Музичка академија запиша во Црна Гора – Цетиње кај Светлана Богино, а завршува кај младиот пијанист Бојан Мартиновиќ. Од нејзините бројни успеси како особено значаен се издвојува шопеновиот натпревар во Подгорица каде што освои трета награда, со што и се отвори можноста да настапува секаде низ државата.

Во изминатиот период соработувала со повеќе педагози и пијанисти: Борис Краљевиќ (Црна Гора), Александар Сердар (Србија), Владимир Боцкарјов (Русија), Владимир Крпан (Хрватска).  Во нејзиниот настап оваа вечер ќе уживаме во пијаното на Наумовска која ќе не прошета низ:

Preludijum i fuga d-mol DTKII J.S Bach
Sonata op.14 br.2 – L.Van Bethoveen: Alegro: Andante:Scherzo
Etida op.25 br.12 F.Chopin
Rapsodija op.79 br.1 i br.2 J.Brahms
Balada op.47 br.3 F.Chopin

20:00 часот Театарска претстава ,,Обична приказна” од Марија Ладо во режија на Љупчо Ѓоргиевски – НУ Народен театар

„Обична приказна“ на многу  едноставен начин зборува за смислата на човековото постоење, за заборавените и потиснатите вредности заради кои единствено вреди да се живее.  Тоа е приказна за љубовта која не е привилегија само на човекот, туку право и на животните.  Токму таа љубов, чиста во својата есенцијална форма го потсетува човекот на заборавените животни вредности и му помага тие повторно да излезат на површина како би се спасил од самиот себе – вели Љупчо Ѓоргиевски.

Битолскиот народен театар со претставата „Обична приказна“ гостуваше во Торонто, Канада, а на фестивалот Војдан Чернодрински во Прилеп на актерот Николче Пројчевски му беше доделена награда за најдобар млад актер.  Пред една недела претставата беше одиграна во Куршумли ан во Скопје во рамките на Скопско културно лето.  Во Битола, во рамките на битолско културно лето ќе се игра вторник и среда од 20:00 часот во НУ Народен театар Битола.

Превод од руски: Оливера Павловиќ, Асистент на режија: Јован Ристовски, Сценографија:Валентин Светозарев, Костимографија: Благој Мицевски, Музика: Марјан Неќак, Светло Илија Димовски.

Улоги:
Стопанот – Митко С Апостоловски, Стопанката – Менка Бојаџиева, Даша – Маја Андоновска, Соседот – Борис Чоревски, Алексеј – Огнен Дранговски,Кобилата – Јоана Поповска, Кравата – Јулијана Стефановска, Свињата – Соња Ошавковска, Петелот – Никола Пројчевски, Кучето – Петар Спировски, Музички бенд Ливе Фиве Јасна Василева, Бојан Колевски, Александар Талевски

Суфлер:Радојка Динеска
Инспициент:Мирослав Лазаревски

22:00 часот Последна филмска вечер во рамките на филмски денови ,,See a Paris” – Магаза „Раскрсница“ – Турција филм на Селим Демирделен (најдобра музика, најдобра женска улога)

Гувен работи како шеф на сметководство.  Тој има среќен брак и ќерка.  Но, како и да е кога ќе дојде дома на крајот од денот тој е сам.  Неговиот врамен свет на среќа е полн со тајни.  Тој пред 5 години ги има загубено неговата сопруга и нероденото дете и неможејќи да се соочи со болката се преправа дека тие се живи и ги чува живи во својата фантазија.

Неговиот имагинарен свет почнува да се распаѓа кога Арзу почнува да работи во иста канцеларија со него. Арзу чиј живот е исто така збркан навлегува во светот на Гувен обидувајќи се да го тргне превезот на тајната на неговиот живот. Како што одминува дејството се дознава дека животите на Гувен и Арзу претходно се имаат преплетено на раскрсница, менувајќи ги животите на двајцата.

Во изминатите 4 денови во рамките на ЕСРА филм во Битола беа прикажани наградените – најдобри филмови на фестивалот “See a Paris”: Пиран Пирано-Словенија (филм на Горан Војновиќ – најдобар филм и најдобра машка улога), Источни игри – Бугарија (филм на Камен Колев специјална награда на фестивалот), Оставени – Босна и Херцеговина (филм на Адис Бакрач – најдобра режија), Албанска Хроника – Албанија (филм на Артан Минароли – најдобро сценарио).

 

You May Also Like