Отворена изложбата „Средба на солидарноста 1964-1973“

Вчера вечер, (вторник, 26 јули 2011 година), во Музејот на град Скопје, по повод одбележувањето на 48 годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје од 26 јули 1963, беше отворена изложба со наслов „СРЕДБА НА СОЛИДАРНОСТА 1964-1973“.

Автор на изложбата е Зоја Богдановска, виш кустос историчар, а овој уметнички настан го отвори градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

– Како нем сведок часовникот на поранешната стара железничка станица, а сега Музеј на Градот Скопје, потсетува на најголемата трагедија во современата историја на Скопје. Денес, по 48 години собрани сме тука да го одбележиме 26 јули, денот кога главниот град ја почуствува моќта на природата, денот кога 1070 наши сограѓани ги изгубија животите под урнатините на сопствените домови. Денот кога исчезнаа домови, училишта, болници, кога под силината на земјотресот голем број објекти кои беа важни обележја на Градот само за неколку мига се претворија во купишта од прав, стакло и греди.

Меѓутоа, разурнувачката моќ на природата не ги поколеба скопјани во настојувањата да го ангажираат целиот сопствен човечки и технички потенцијал за санирање на последиците. Tрагедијата го обедини светот во мисија на солидарноста од која се родија неколку скопски населби и беше расчистен просторот за нови градби, а градот Скопје стана Град на солидарноста, истакна Трајановски.


Градоначалникот Трајановски додаде дека оваа изложба, враќајќи не во минатото, ќе биде поттик за сочувство со туѓите неволји и несреќи, но и за уште поодговорен пристап кон потребите на идните генерации.

Изложбата ги опфаќа Средбите на солидарноста, почнувајќи од првата во 1964 година, како и спортските настани од светско значење организирани во Скопје во почетокот на 70-те години на 20 век, а кои се во знакот на солидарноста.

Градското собрание на град Скопје, на 18 мај 1964 година, ја донесе Одлуката со која беше решено, еднаш годишно, во периодот од 26 jули до 2 август, во Скопје да се одржуваат средби на солидарноста на коишто пријателите на градот од целиот свет ќе се натпреваруваат на полето на културата и спортот.


Набрзо идејата стана реалност. Првата средба беше отворена на 26 јули 1964 година. Манифестацијата “Средба на солидарноста” прерасна во традиција и во еден прекрасен настан од меѓународно значење. Секое лето, градот на Вардар беше центар на солидарноста и на вонредните човечки достигнувања не само на градилиштата каде со помош на меѓународната солидарност се раѓаше новиот град, туку и на полето на културата и спортот. Скопје стана отворен град – град на сите граѓани на светот.

Во рамките на изложбата, во соработка со Кинотека на Македонија, беа прикажани неколку краткометражни филмови, беше прикажан и долгометражниот филм “Мементо” во режија на Димитрие Османли, а настанот заврши со настапот на квартотот „Four strings“.

You May Also Like