Саемот на книга во Битола со локација кај Народниот театар, веќе традиционално по 8-ми пат започна да се одржува од 24 до 29 мај. Акцијата и целта на овој саем е изложување на книгата, средби на издавачите, некои автори и публиката. Исто така саемот на посетителите му нуди многу поволни цени кои достигаат дури и до 70 % попуст.
„Убеден сум дека битолчани се вљубени во книгата со оглед на она што имав прилика да го видам во изминатите манифестации на саем на книга. Како и секоја година, така и оваа учество имаат најголемите и најреномираните издавачи во државата, во 2011-та година имаме 25 издавачи меѓу кои: „Македонска реч“, „Ѓурѓа“, „Мартина“, „Феникс“, “Матица“, „Силсонс“, „Панили“, „Три“ итн. Ова е можност и прилика на едно место да се видат и купат книги кои значат бренд и тренд во македонската и светската литература. “ – изјави за cooltura.mk директорот на НУБ “ Св. Климент Охридски “, Науме Ѓорѓиевски.
Заради недостиг на книжарници и места во кои можат да се купат книги ова е извонредна можност и прилика за битолчани кои имаат шанса шест дена да се радуваат на спектарот од книги со разновидни тематики.
„Кога би можела би ги купила сите книги, не знам за која да се одлучам… Мило ми е што за симболична цена можам да си купам богатство како што е книгата или да го подарам на некој близок.“ –вели за cooltura.mk една битолчанка.
Автор: Љубица Поповска