Чествување „Македонија во чест на Свети Кирил“

Оваа година пред италијанската и светската јавност во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил” во Рим македонските културни вредности беа презентирани преку две интересни културни содржини.

На 24 мај во познатиот „Театро де Серви“ кој беше исполнет од последното место беше презентирана претставата за Мајка Тереза насловена „Светица на темнината“ по текст на Венко Андоновски.

Претходниот ден во величествениот Пантеон со многубројни овации беше проследен и концертот на светски познатиот тенор Благој Нацоски и виолинистите Ана и Олег Кондратенко, во придружба на Марија Вршкова.

Република Македонија повеќе од 4 децении во вечниот Рим, местото каде што во црквата „Сан Клементе” со достоинство на Папа бил погребан големиот словенски просветител Свети Кирил, преку манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил” традиционално е дел од ова глобално чествување на писменоста.

Република Македонија со пригодни содржини се вклучува и во манифестацијата „Денови на словенската писменост и култура“ која традиционално се одржува во Москва, Руската Федерација. Денот на словенските просветители годинава во руската престолнина ќе биде одбележан со настапот на групата „Љубојна“.

You May Also Like