Утре (четврток, 16 јуни 2011 година), во Друштвото на Писателите на Македонија, со почеток во 10:00 часот, ќе се одржи традиционалната поетска манифестација „Празник на липите“.
Македонската поетеса Светлана Христова-Јоциќ и чешкиот поет Иво Одехнал се годинешните лауреати на Наградата „Книжевно жезло“, за поетски опус со високи естетски остварувања , што традиционално ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.
Одлуката едногласно ја донеле членовите на Организацискиот одбор на меѓународната манифестација „Празник на липите”. Признанијата на годинешните добитници на наградата, ќе им ги врачи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а ДПМ објави посебна публикација со избор од поезијата на лауреатите на македонски, чешки и на англиски јазик.
Светлана Христова-Јоциќ е авторка на низа стихозбирки што оставија свој печат во развојните текови на македонската поезија во изминатите четири децении. Меѓу нејзините најзначајни поетски книги се вбројуваат: „Калесница”, „Скришен човек”, „Еа“, „Самечка ќелија“ и „Големата молитва“. Таа е покренувач на манифестациите „Празник на липите“, Македонските духовни конаци и на книжевните ревии „Стожер“ и „Портал“.
Чешкиот поет Иво Одехнал е роден 1936 година во Валашске Клобоуки. Бил професор по филозофија и директор на книгоиздателството „Блок” во Брно. Една деценија работел како главен уредник на филијалната редакција на „Фортуна принт“. Бил учесник на Струшките вечери на поезијата. Во неговиот богат творечки опус посебно место зазема поемата „Песна за великоморавската обетка“, објавена во 1980 година. Автор е и на стихозбирките: „Змиски ум“, „Оган што цути“, „Заљубен Декарт“, „Пагански глад“, „Кула на љубезниот ветер“, „Црн албатрос“. Добитник е на книжевни награди во Чешка, а негови песни се преведени на руски, англиски, полски, словачки и на германски јазик.
Во рамки на манифестацијата „Празник на липите“, чешкиот поет Иво Одехнал ќе биде прогласен за почесен поет на Скопје.