„Мирно лето“ на Бит Фест

,,Мирно лето” на Бит Фест –  12 август 2011, петок – филмска вечер во чест на Димитрие Османли – полувековен јубилеј на македонскиот игран филм ,,Мирно лето” во Галерија Магаза.


Кинотека на Македонија во соработка со Вардар филм и БИТ ФЕСТ го одбележуваат 50 годишниот јубилеј на филмот ,,Мирно лето”.

Во далечната 1961 година по диктат на времето и потребите на публиката, но и по диктатот на жанровската експанзија, па и по еден самосвоен развоен диктат, врежан веќе во македонската играна продукција се појави филмската комедија ,,Мирно лето” по сценарио на белградската публицистка Фрида Филиповиќ, а во режија на Димитриe Османли, прв македонски филмски режисер.  На 18 ти мај оваа година се навршија  50 години од премиерата на првата комедија чија проекција беше во тогашното кино ,,Култура”.

Филмот е снимен во вајдскрин техника, со звук во црно бела техника.

Во приказната на филмот се работи за еден архитект кој добива задача да го уреди музејскиот простор во Охрид и тој таму заминува да го помине летото, заедно со својата сопруга костимографка и сликарка.  Тоа е всушност, едно наложено, но и посакувано бегство од градските омеѓености и од стеснетоста на нивното потстанарско скривалиште.  Со еден збор остварување на еден колективен сон за мир како надоместок и ознака за остварената хармонија.  Целиот содржински концепт на „Мирно лето“, доследно е остварен врз овој мотив и во него што е уште позабележително , се пронајдени и пласирани комедиографски елементи.  Тие пак, се изградени врз судирите и ситуациите кои го обессилуваат оној замислен сон по освојувањето на аркадиските простори.  И тука е задржано она што е жанровски најквалитетно, а тоа е развојниот принцип на комедијата.  „Мирно лето“ како општ впечаток, донесува чувство на леснотија и сосема примерно расположение на еден, би кажале, перманентен предизвик за смеа, но смеата е сепак дозирана според интензивираните комедиски пунктови, кои во ,,Мирно лето” не се толку чести.

Хуморот со блага иронија, овде е распослан на еден екстензивен план на комедиографско случување.  Режисерот Османли успеал да создаде вонредно хомогена актерска екипа, на чело со Слободан Перовиќ и Љупка Џундева.  Во инаку широкиот актерски комплекс се вбројуваат уште и: Петре Прличко, Илија Милчин, Димитар Ќостаров, Дарко Дамевски, Илија Џувалековски, Стојка Цекова, Анче Прличкова, Ева Чизмир, Ацо Јовановски и други.  Снимателот Љубе Петковски и во ,,Мирно лето” го потврдува својот висок креативен стандард, остварувајќи стилски воедначена црно – бела фотографија и во тоналитет и во композицијата, што е сосема во содејство со општиот кинематографски концепт на филмот.  Сценографијата е дело на Диме Шумка, чие сликарско искуство овде наоѓа простор податлив за креативна надградба.  Во овој стил дискретно, но исто толку функционално, вклучена е и музиката на композиторот Драгутин Савин.
,,Мирно лето”, и како жанровски потег и како резултат, во голема мера ги содржи оние вредности, кои, дури и без каква и да е критериумска наклонетост, треба да бидат произнесени како еден од квалитативниет дострели на македонската кинематографија.

В сабота, ,,Мирно лето” ќе се прикажува во Центарот за култура ,,Григор Прличев” во Охрид во рамките на Охридско лето.

21:00 часот Отворено летно кино – Амфитеатар Тумбе кафе

Red riding hood – Црвенкапа – хорор – Добро познатата приказна за Црвенкапа претставена во хорор/фантазија варијанта.

You May Also Like