Промоција на стихозбирката „Мајката на светот” од Марија Светозаревиќ во сабота, (2 декември 2023), со почеток од 17:00 часот во Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“, Тетово. Промотор е Александар Русјаков, а модератор Перица Сарџоски.
- „Уште една ѕвезда светнува на македонската книжевна сцена. Поточно, на поетската. Тоа е стихозбирката првенче на Марија Светозаревиќ. […] Оваа поезија изобилува со длабоки филозофски теми и дилеми, вредни за размислување, со продуховени мисли, со мистична верба во природата, во Бога, во животот. Природата е таа што е почеток и никако крај, туку бесконечност на песните на Светозаревиќ. […] Навистина Марија Светозаревиќ си поставила огромен предизвик пред себе: низ својата поезија оттргната од нејзината душа да даде одговор на севселенски прашања.”, Лилјана Пандева
- Стихозбирката со наслов „Мајката на светот“ од Марија Светозаревиќ наликува на дневник на еден млад астрален алхемичар, вивнат во неописливите предели на надреалното, она небо во кое корен пуштила душата на оваа земја, од каде што нашата поетеса чин обид низ збор да ги долови невозможните структури на надсвеста – онаа лулка во која оваа наша мајка нè има задоено со љубов вонземна, која го вознесува животот кон нови неба, нови предели. Но, истовремено, песните срочени во оваа стихозбирка наликуваат на исповеди на еден тивок психонаут кој е нурнат инкогнито во длабоките слоеви на потсвеста обидувајќи се да изгради мост помеѓу овие два света низ сегашниот миг. Поезијата на Марија Светозаревиќ е во ран цут од која наѕираат фидани од кои допрва ќе зреат плодови, а истовремено е себе-конструктивистичка со суптилни архитектурни решенија, за секоја песна поединечно, со цел да се долови недостижното. Песните поместени во оваа стихозбирка се патување низ мултидимензионалната душа на Мајката на светот. Внимателно поминувајте низ нејзините суптилно прикажани холодеци и уживајте во нејзиниот скромно разоткриен раскош!, Перица Сарџоски