Ретроспектива на Кинотеката на Македонија за 2020: Годината што сепак не ја изедоа скакулците

Навраќање и своевиден рекапитулар на се она што Кинотеката на Македонија го сработи во 2020 година…

„Нема да биде ништо ново ако на почетокот на ретроспективата за кинотечната 2020 година ја споменеме светската здравствена криза предизвикана од пандемијата со вирусот ковид-19. Престапната 2020 година, сепак, за Кинотеката не е „година што ја изедоа скакулците“ (Борислав Пекиќ). Еве што работевме, што сработивме и како се дружевме изминатава година.

На почетокот вреди да се напомене дека и покрај првичниот шок од пандемијата и замирањето на активностите во доменот на јавната дејност кон средината на март, Кинотеката согласно сите здравствени протоколи за безбедност на гледачите на почетокот на летото стартуваше со летното кино, а во текот на есента продолжи со прикажување во киносалата со редуциран број посетители. Во 2019 година забележавме рекорден број гледачи, нешто над 20.000, а во 2020 година таа бројка, и покрај сите предизвици, достигна 10.000.

Стартот на летната кино програма во дворот на Кинотека на 10 јуни беше одбележано со 4 дневен настан и селекција на 4 современи европски филмови European Film Challenge.

Филмската програма во летното кино „Мирно лето“ во периодот на јули, август и септември забележа околу 5.000 посетители!Од 8 октомври програмата на Кинотеката се врати во киносалата, секако со почитување на сите здравствени протоколи…

Летнотo кино беше промовирано минатата година. Тогаш напишавме дека се надеваме дека „пробната работа“ на летното кино ќе прерасне во своевиден фестивал. Годинава летното кино го доби името „Мирно лето“ – според култната комедија на Димитрие Османли од 1961 година – и филмските проекции и други настани под отворено небо се покажаа како одличен потег за зачувување на духот во услови на пандемија.

За да се одржи квалитетот на проекциите, беше изградена кабина за филмски проектор и поставено филмско платно според сите професионални стандарди. Во холот, пред влезот во киносалата беше изграден нов шанк-пулт, каде што освен освежителни пијалаци може да се набават и изданијата и публикациите на Кинотеката.

Пандемијата со ковид-19 делумно ја преформатираше јавната дејност на Кинотеката. Така, освен проекции на кинотечните бисерите од филмскиот архив, онлајн станаа достапни дигиталните верзии на сите броеви на списанието „Кинопис“, кој во 2020 ја прослави 30-годишнината од неговото постоење, како и низа филмолошки студии на авторите м-р Игор Старделов, д-р Атанас Чупоски, м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, монографијата „Манчевски“, мултидисциплинарен публицистички проект на уредникот и автор Марина Костова, потоа книгата за аматерскиот филм во Македонија на Илинденка Петрушева, и ИСТОРИЈА НА ФИЛМОТ на Георги Василевски…

Без разлика на тоа дали програмските активности на Кинотеката се одвиваа во летното кино или во добро познатата кинотечна сала, во 2020 година реализиравме десетици циклуси филмови и фестивали. Меѓу нив го издвојуваме уникатниот филмски проект ФИЛМСКАУЧИЛНИЦА,проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство наменет за ученици од средните училишта.

Проектот под водство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева започна на 10 октомври, се одвиваше секоја сабота, и се одржаа 10 сесии. Секоја сесија траеше 5 школски часа, кои се состоеа од предавања на различни теми, реализирани од филмолози од Кинотека и филмски професионалци, како и проекции на филмови. Учесниците имаа ретка можност да ги проследат предавањата на неколку специјални гости: на филмската режисерка Тамара Котевска и кинематограферот Фејми Даут од МЕДЕНА ЗЕМЈА, аниматорите Крсте Господиновски и Жарко Иванов, како и да ги чујат одговорите на нивните „милион“ прашања.

Продолжуваме понатаму…“

Се вели во дописот до медиумите на Кинотеката на Македонија

You May Also Like