Во Музејот на Град Скопје вечерва (вторник, 5 септември) ќе биде отворена изложбата „Долго патување во ноќта“ на Владимир Бороевиќ.
Ќе се промовира и монографијата „4 приказни видувања“ за неговото творештво од авторите Емил Алексиев, Соња Абаџиева, Оливера Ќорвезироска и Лазо Плавевски, а обраќање ќе има Славко Нинов.
Владимир Бороевиќ е мултидисциплинарен уметник, сликар, поет, писател, дизајнер и карикатурист. Тој е еден од значајните македонски уметници чие вкупно творештво и творечки опус не се до сега интегрално презентирани.
Бороевиќ има оставено своја препознатлива и неизбришлива трага во македонската ликовна уметност, менувајки ги често стиловите и насоките на својот творечки пат и исчекорувајки надвор од поставените граници. Од исклучително значење за историјата на македонската современа уметност е неговиот придонес во развитокот на карикатурата и нејзиното издигнување на рамниште на легитимна ликовна уметност, како и неговиот исклучителен придонес кон развитокот на македонскиот дизајн и применета уметност. Еднаков продонес во историјата на македонската современа уметност има неговото сликарство. Тој е и автор на една значајна стихозбирка и на еден роман (во печат).
Владимир Бороевиќ е роден 1947 година во Скопје, а во 1971 дипломирал на Педагошката академија во Скопје во класата на професорот Спасе Куновски. Карикатури објавува од 1968 во „Остен“, „Нова Македонија“, „Екран“, „Вечер“, „Пардон“ (Франкфурт), „Јеж“ (Белград), „Сатирикон“ (Белград), „Нин“ (Белград)…
Во периодот од 1972 до 1975 работел како карикатурист и графички уредник во хумористично-сатиричниот весник „Остен“. Неговите натамошни професионални активности биле упатени кон Студиото за цртан и анимиран филм (при Вардар филм во Скопје, како сценограф, во периодот од 1974 до 1984) и дизајнот (како раководител на Студиото за дизајн и пропаганда во „Јака 80“ Радовиш од 1984 до 1995).
Член е на Здружението на карикатуристи на Македонија, на Здружението на филмските работници на Македонија, на ДЛУМ, на ДЛУПУМ и на Американскиот биографски институт.