Концерти за паметење на Skopje Design Week

На Неделата на дизајнот во Скопје годинава ќе има десет концерти на музичари и диџеи од регионот, кои ќе настапат на сцената во поткровјето на Јавна соба.

Што се однесува до овој музичко забавен дел на Неделата на дизајнот во Скопје, вечерва (петок, 23 ноември) настапува хрватската диско-панкатракција „Лолобригада“ со почеток во 22 часот. Групата постои 15 години, а во 2009 освојува награда за најдобар бенд на Балканот на Ем-Ти-Ви Европа. Трите албуми, „Cartoon explosion“, „Lollobrigida Inc“ и „Пилула“ се исполнети со силна енергија и откачени стихови. „Лолобригада“ е единствениот бенд што 11 пати свирел на фестивалот Егзит, а има концерти и на најголемите фествали на Балканот.

Утре (сабота, 24 ноември) својот концерт ќе го одржи српскиот џез состав ЗАА кој е препознатлив по своите концерти на фестивалите Егзит и Реге Србија. Постоjат 10 години, a позади нив се 3 албуми – „ЗАА“ (2010), „Good Things“ (2011) и „What About“ (2014). Концертот започнува во 22 часот на поткровјето на Јавна соба.

Во текот на фестивалот свои настапи ќе имаат и диџеите Константин, Еми Ермилова, Соул Кејс.

Недела на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновација, во соработка со Делегацијата на германското стопанство со канцеларија во Македонија.

Активностите ќе се реализираат во Јавна соба и Лукс секој ден од 10:00 до 01:00 часот, а влезот за сите посетители е слободен.

You May Also Like