По долго боледување синоќа (23 февруари) 2013 почина актерот Бранко Ѓорчев, директор на Драмскиот театар-Скопје.
Ѓорчев е роден 1962 година во Неготино, во 1986 година дипломирал на Факултет за драмски уметности, во класата на проф. Вукан Диневски. Од 1987 година работи како актер во Драмски театар-Скопје. Има остварено голем број главни и споредни улоги, во матичниот театар и во сите театарски институции во државата, како и на филмското платно.
Во 2001-2003 е проект менаџер во Драмскиот театар. Бил и демонстратор по реторика и ораторство за предметот Римско право на Правен факултет во Скопје. Беше професор по сценски говор на Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА.
Во 2006 година беше избран за директор на Националната установа Драмски театар, а во 2010 реизбран на фунцијата. Во ноември минатата година Ѓорчев ја доби државната награда „Св.Климент Охридски“ за 2012 година, за долгогодишни остварувања во културата.
Погребот ќе биде извршен утре во 14 часот на Градските гробишта Бутел.
Претходно, во 11 часот, Драмскиот театар-Скопје ќе одржи комеморација по повод смртта на Бранко Ѓорчев.