Со цел подобрување на условите за одвивање на наставата во основните и средните училишта, Министерството за образование и наука продолжува со реализација на Проектот за реконструкција на средни и основни училишта во Република Македонија и тоа со средства обезбедени од Буџетот како и со заем од Банката за Развој при Советот на Европа.
Во рамките на овој проект ќе се изврши реконструкција на: кровови, прозорци, санитарни јазли, подови, но исто така и инсталација на топловодно греење. Ќе бидат опфатени 136 училишта, од сите 8 региони во Република Македонија и 51 општина, што ќе овозможи директна придобивка за 110.000 ученици.
Банката за Развој при Советот на Европа одобри Грант од 2 милиони Евра наменет за целосно реновирање на десет основни училишта, како и Грант во висина од 1 милион Евра за целосно реновирање на шест средни училишта.
Се очекува веднаш после успешното спроведување на Јавните набавки и потпишувањето на Договорите со изведувачите и надзорот да се отпочне со градежните работи, а реконструираните основни и средни училишта да бидат комплетно подготвени за почетокот на новата учебна 2013/14 година.