Годишен концерт на КУД „Дримкол“ од Вевчани „Не играј со телефонот мамо, играј со мене“

Утре вечер (петок, 3 мај) во Домот на културата во Вевчани, КУД „Дримкол“ ќе го одржи својот годишен концерт кој традиционално секоја година се одржува помеѓу Велигденските и Ѓурѓовденските празници.

На концертот учество ќе земат сите фолклорни ансамбли на друштвото, изворниот и народниот оркестар, пејачката група ,,Каданка,, и нејзини солисти како и членови на патувачкиот театар од Вевчани. На програмата ќе бидат застапени  песни и ора од сите играорни подрачја во Македонија.

  • Примената на техниката и технологијата во денешно време се наметнува како начин и култура на живеење. Но, прашање е како таа култура на живеење влијае врз развојот на младите и врз нивниот однос кон градењето и почитувањето на сопствениот  идентитет како и врз негувањето и развојот на своето културно наследство. Токму таа е темата на овогодинешниот концерт на кој преку актерска детска игра, песна и оро даваме одговор на ова прашање, а во исто време  отвараме за размислување и многу други. Годишниот концерт за нас представува многу значаен настан, бидејќи  имаме прилика да презентираме целовечерна програма пред нашите Вевчанци кој секогаш со восхит не следат и поддржуваат. Нашата Вевчанска публика има изострен вкус кога е во прашање културата и уметноста, а нивните очекувања од нас секоја година се поголеми, па токму затоа годишниот  концерт на Дримкол е и голема одговорност, изјави Наташа Кукоска, етнолог, дел од уметничкиот совет на друштвото.  

Поради големиот интерес кај публиката за овој културен настан, КУД „Дримкол“ одржува по два концерти со почеток во 18,00 часот и 20,00 часот.

Низ годините наназад, со сигурност може да се забележи дека ова друштво на своите концерти секоја година обработува различни теми, праќа силни пораки и на еден посебен и автентичен начин прави одличен спој на песната и орото со тематската целина која се обработува.  

You May Also Like