Просечен ден на човек со анксиозност

Анксиозност е чувство на општа возбуденост, нејасен страв без очигледен надворешен повод, голем стрес и загриженост.

Анксиозноста се манифестира преку повеќе физички и психички симптоми кои се доживуваат како многу непријатни, а често се јавува во комбинација со други болести, особено со депресија.

Според некои процени, дури 10% од населението страда од некоја форма на анксиозност.

Поимот анксиозност често се поистоветува со поимот страв. Но, постојат разлики што произлегуваат:

  • од изворот на опасноста која се заканува да го наруши телесниот, психичкиот и социјалниот интегритет на личноста
  • од времетраењето

Се мисли дека кај стравот опасноста е рационална, бидејќи објектот или појавата свесно се перцепираат и можат да се идентификуваат, додека кај анксиозноста не постои свесно перциран објект или извор на појавата што предизвикува опасност. Изворот на опасноста е во чувството на очекувањето да се случи нешто непријатно, нешто опасно.

Психолошките симптоми на анксиозноста се претерана плашливост и загриженост, чувство на внатрешна напнатост и немир, ослабена концентрација, раздразливост, зголемена чувствителност на бучава, лесно заморување, слаба меморија која често е резултат на намаленото внимание и концентрација. Телесните симптоми на анксиозноста се забрзана работа на срцето, тешко дишење, чувство на недостаток на воздух, стегање во градите, сува уста, потешкотии во голтањето („кнедла во грлото“), зголемено потење на дланките, често мокрење, вртоглавица, „пеперутки“ во стомакот, болки во мускулите, ослабена сексуална желба, треперење на целото тело. Присутни се и пореметувања во однесувањето: чувство на блокираност, преувеличување на доживувањата, тешкотии во спиењето во смисла на несоница, често будење или пак ноќни кошмари.

Ако кај една личност се присутни повеќето од овие симптоми повеќе од шест месеци, најверојатно таа личност страда од анксиозно пореметување. Возрасните со ова нарушување често се загрижени за секојдневниот живот, за одговорностите на работното место, финансиите, за здравјето на своите најблиски, се мачат со катастрофични предвидувања во врска со своите најблиски. Анксиозна личност целата е облеана со неодреден, ирационален страв со кој се парализира во своето функционирање, а се јавува и силно чувство на немоќ.

Многу малку луѓе се спремни да го прифатат фактот дека страдаат од анксиозност. Многу од нив анксиозноста ја кријат позади чувството на физичка непријатност, како што е срцебиење и замор; некои ја кријат позади бројните стравови кои им изгледаат реални и оправдани; кај некои луѓе анксиозноста може да биде скриен импулс кој ги гони да се препуштат на заборавот во алкохолот и други зависности. Точната причина за анксиозноста не е позната, но постојат многу фактори што можат да го поттикнат развојот на анксиозноста.

Улога играат генетските фактори, биохемиските процеси во мозокот и влијанието на средината. Разните трауми или стресни моменти во текот на животот, смрт на блиска личност, развод, промена на работното место, промена на местото на живеење, може да предизвикаат анксиозност.

Само една третина од лицата со анксиозност бараат здравствена помош за истата.

You May Also Like