Утре вечер (четврток, 16 јуни 2011 година), со почеток во 21:00 часот во Градскиот парк, на зелената површина зад споменикот на Гоце Делчев, по четврти пат ќе се одржи мултимедијалната манифестација „Види музика, слушни слика, добиј книга“ во чии рамки, на посетителите ќе им бидат поделени 20.000 бесплатни примероци од книгата на Умберто Еко „Како да се патува со лосос“.
Познати имиња од македонската ликовна фела, Касиопеја Наумовска и Томе Мишев, ќе сликаат истовремено на две огромни платна, а утре вечер во Градскиот парк, Македонската филхармонија ќе ги отсвири најпопуларните дела од композиторите како: Росини, Бетовен, Брамс, Дворжак, Жорж Енеску и Пабло де Сарасте. Диригент на концертот ќе биде Саша Николовски – Ѓумар, а солисти ќе бидат виолинистите Ана Кондратенко и Владимир Костов.
Книгата „Како да се патува со лосос“ од Умберто Еко, што неодамна беше за прв пат преведена на македонски јазик, со специјална дозвола од авторот, исклучиво за потребите на овој проект, ќе се дели на специјално означени штандови.
Мултимедијалниот проект „Види музика, слушни слика“ се одржува традиционално под покровителство на Град Скопје, а во организација на ЈУ Младински културен центар – Скопје и Македонската филхармонија.