Борис Березовски маестрален во Охрид

Место повеќе се бараше синоќа за концертот на рускиот виртуоз на пијано Борис Березовски кој што се одржа во црквата Св. Софија во рамките на „Охридско лето“. Фестивалската публика уживаше во секој момент исполнет со звуците на пијаното кои со љубов ги отсвири маестралниот Березовски.

Иако по втор пат на фестивалот, публиката не можеше, а да не му возврати со громогласни аплаузи и скандирања да отсвири нешто повеќе. Неколкуте биса и стоечки овации само ја докажаа големината на уметникот кој публиката со задоволство би го слушала секојдневно.

– „Охридско лето“ со овој концерт доби на квалитет за една скала погоре. Ова е еден од најголемите пијанисти во светот. Доживувањата се неверојатни во овој амбиент, пред се поради неговите концепции кои ни ги донесе во сите три стила и ни ги претстави вечерва. Навистина секој стил беше оригинален и за мене е неверојатно што секоја фраза, секој пасаж беше посебен лик така што доживувањето е прекрасно – со воодушевување за концертот изјави проф. Слаѓана Јовановиќ.

Дека станува збор за уметник кој е почитуван насекаде зборува и фактот што специјално за концертот синоќа во Македонија допатуваа и негови обожаватели од странство.

– Концертот беше потресувачки, како што би рекле Русите. Брамс го изведе феноменално, со многу јак и силен звук. Борис е „страшен“ свирач со феноменална техника. Тој е апсолутно феноменален и како човек и како пијанист и мислам дека е еден од најспособните пијанисти, ако не и најспособен, на нашето време, затоа што може секој ден да свири во различна земја, со различен репертоар и да отсвири феноменално – изјави пијанистката Маја Матијевиќ од Белград, која студира на конзерваториумот во Москва и допатува во Охрид само за да го слуша Борис Березовски.

Уметникот пак, после исцрпната програма која ја изведе во Св. Софија, на шега ни изјави:

– Се чувствувам како тенисер. Јас сервирав добро, публиката одлично се покажа и на крајот јас победив. Се шегувам, ова беше навистина прекрасен концерт, бев посебно инспириран од преубавиот амбиент и од топлата публика. Уживав во свирењето и го дадов најдоброто од себе затоа што овој фестивал тоа го заслужува. После овој концерт, ми следуваат 10 дена одмор, конечно по подолго време исполнета агенда.

Со концертот синоќа Борис Березовски само ја продлабочи трагата која ја остави зад себе во историјата на фестивалот „Охридско лето“.

You May Also Like