На денешен ден: Роден е Ристо Шишков

На денешен ден (23 март 1940 година) во селото Мрсна, кај Серез, Егејска Македонија (сегашна Република Грција), роден е Ристо Шишков, македонски драмски, филмски и телевизиски актер, еден од најталентираните во македонската актерска уметност. Академија за театар завршил во Белград.

Постојан член на Македонскиот народен театар станал од 1964 година. Во децениското живеење на оваа сцена остварил многу ликови како и бројни незаборавни ролји во македонски играни филмови „Републиката во пламен“, „До победата и по неа“, „Црно семе“, „Жед“, „Истрел“, „Црвениот коњ“ и други. Бил проследуван од тајните служби на СФР Југославија и СР Македонија како македонски националист и бил осуден и затворен.

Умрел во Скопје, на 17 јуни 1986 година.

————————————————————————————–

Татко му Васил и најстариот вујко лежеле 4 години затвор на Крит. Во 1942 година Ристо ја доживува трагичката судбина на децата бегалци. Преку Бугарија во 1945 година неговото семејство доаѓа во Струмица, каде тој се школува.

Ристо Шишков во 1979 е обвинет за навреда на српски и хрватски артисти, исто како и навреда на Тито. Во 1980 е осуден и заминува во затвор. По боледување умира на 17 јуни 1986 година во Скопје.

Едуциран според принципите на театарската школа на Станиславски, односно според онаа варијанта на таа школа каква што се практикуваше (како метод) на тогашната белградска Академија, Шишков темелно ги совладал нејзините два најсуштествени методолошки посулата: актерско/творечко самопочитување и фамозниот процес на преживување.

Неспорно талентиран и неспорно одлично подготвен за својата идна мисија, Шишков најпрво чиракувал во реномираниот театар каков што е Југословенско драмско позориште. Во раните шеесетти години овој театар се уште важел за репрезентативна институција во која има место само за најдобрите. Несомнено е дека Шишков е еден од нив.

Во текот на својата 26-годишна професионална кариера, Ристо Шишков играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма (во дванаесеттиот, “Води”, неговата ролја е преснимена), пет телевизиски драми и три телевизиски серии, додека бројот на радиодрамите не може да се утврди, заради непостоечка документација. Безмалку половина од сите ролји што ги одиграл се главни, околу четвртина се насловни: Иванов, Дон Цезар, Мезгрејв, Хелдерлин, Леоне Глембај, Питу Гули, Гоце Делчев…

Добитник е на две филмски награди – и двете на Фестивалот на актерски остварувања во Ниш, за филмовите “Планината на гневот” (1967 година) и “Најдолгиот пат” (1976 година) и на само една театарска награда на МТФ “Војдан Чернодрински” во Прилеп (1977 година) за улогата во претставата “Крчма под зеленото дрво”. Него го познаваат како маркантна физичка појава со нагласена присутност не само на театарската сцена, туку и во секојдневниот јавен живот, со “општомедиумска слава”, екстровертна личност со “бујна” природа…..

Прославениот македонски актер Ристо Шишков живееше и создаваше кратко време. Тој почина на 46-годишна возраст кога го достигна центарот на своето актерско творештво, кога најмногу можеше да му даде на театарот, кога најмногу беше потребен. Прерано замина од драмската сцена, филмот… Сепак, тој остави впечатливо актерско дело, остварено најмногу на театарската сцена. Зад себе остави брилијантни актерски улоги. Ценејќи ја важноста на делата кои ги остави личноста каква што беше Шишков, градот Струмица стана традиционален домаќин на Фестивалот на камерен театар што со гордост и пиетет го носи името на драмскиот уметник на сите времиња – Ристо Шишков.

Филмографија:

• 1966: До победата и по неа (Главна улога)
• 1967: Каде по дождот (Споредна улога)
• 1967: Македонска крвава свадба (Главна улога)
• 1968: Планината на гневот (Главна улога)
• 1969: Републиката во пламен (Главна улога)
• 1971: Црно семе (Главна улога)
• 1972: Истрел (Главна улога)
• 1975: Јад (Споредна улога)
• 1976: Најдолгиот пат (Главна улога)
• 1981: Црвениот коњ (Главна улога)
• 1984: Нели ти реков (Главна улога)

Песна од Ристо Шишков

Земи ги… очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два… Види повеќе
златни синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја… устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски,
од Грамос и Вичо Планина
роден во време опасно,
време комунистичко.
Комунистиве глава кренаа
и мене в зандана турија
за моја жална
Македонија.
Комунистиве ми даваат
рубата комитска
да се претворам во
Турунџе
да се претворам во Гули
војвода
за да си ладам душава
душава моја изгорена.
Не сум ти јас Турунџе
ниту сум Гули војвода
јас сум си самиот комита-
Ристо Беломорски
Дај ми го….шмајзерот
јас да си одам в планина
там да си најдам дружина
дружина одбор комити.
На Грамос
ќе најдам Делчета
на Пирин ќе најдам
Сандански
на Бигла ќе најдам Јордан
Пиперка.
Дружба да дружам
со комити
дружба да дружам,
бој да си бијам
бој да си бијам со три
ламји со три аждаи
со варварите, татарите и
србоманите
што ми грабнаа убава
девојка,
ја грабнаа и оковаа со три
синџири.
Роб робува убава девојка
роб робува седумдесет
години.
Дај ми ја….сабјата
сабјата дипленица
да си искинам синџири
седумдесетгодишни
да си ослободам девојка
робинка
девојка робинка – лична
Македонија.
Земи ги……..очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два
остри синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја……..устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски
од Грамос и Вичо
Планина.

You May Also Like