Утре (сабота, 16 јули 2011) со почеток во 12:00 часот, во Галичник, во рамки на „Галичкото културно лето 2011“, Националната галерија на Македонија организира јадрено презентирање на еден сегмент од творештвото на доајенот на македонската современа уметност Лазар Личеноски, уште една манифестација од низот настани поврзани со чествувањето на 110 годишнината од раѓањето на Лазар Личеноски и 100 години од раѓањето на Љубомир Белогаски.
Изложбата во Галичник, на која ќе бидат претставени слики на тема „Мотиви од Галичник“, содржи 12 дела кои се дел од донацијата која наследниците на Личеноски ја подаруваат на Р. Македонија. Овие дела поврзани со мотивите од неговиот роден Галичник, се едни од најзначајните мотиви во неговите сликарски циклуси како „Бачилата“, „Ткаачки“, „Портрети“, „Пејзажи“ и слично. После подолг временски период Галичани и секако гостите на манифестацијата Галичка свадба, ќе имаат можност да се поврзат визуелно и духовно со дел од творештвото на овој голем ликовен деец.
Изложбата ќе ја отворат министерката за култура на РепубликаМакедонија, г-ѓа Елизабета Канческа Милевска и директорката на Националната галерија на Македонија г-ѓа Маја Крстевска, а ќе биде достапна за јавноста до 10 август 2011 година.