Издаваштвото „Вермилион“ со нови наслови за Годината на активно стареење

Издавачката куќа „Вермилион“ ќе ја одбележи 2012 година како Европска година за активно стареење и солидарност меѓу генерациите со промоција на две нови книги за деца: „Алдабра, желката што го сакаше Шекспир“ од најпознатата италијанска авторка за деца, Силвана Гандолфи и „Моторот на вештерката“ од Вероника Бенет.

Промоцијата на двете изданија ќе се одржи в петок (21 декември 2012) во 11:30 часот во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје. На промоцијата се поканети сите баби и дедовци со своите внуци. На промоцијата ќе се обрати м-р Томислав Димишковски, претседател на Универзитетот „Трето доба“. Преводот на македонски јазик на овие изданија се реализира со поддршка од Програмата за култура на Европската Унија.

Со овие изданија, „Вермилион“ се приклучува кон одбележувањето на Европската година за активно стареење и солидарност меѓу генерациите, која има за цел да го препознае и истакне придонесот на постарите лица во општеството и да создаде подобри услови за нив. Пензионирањето не значи и неактивност. Придонесот на постарите лица во општеството како негуватели на други, обично на нивните родители, сопружници или внуци честопати се занемарува, како и нивната волонтерска активност.

Романот „Алдабра, желката што го сакаше Шекспир“ од Силвана Гандолфи е приказна за една семејна тајна, волшебна трансформација и девојче кое има сила за сè. „Ако сакаш да ја надмудриш смртта, драга Елиза, тајната е да се престориш во нешто друго“ – вели баба ѝ на Елиза, актерка со искра за драматичност. Но кога баба ѝ ќе почне и буквално да се трансформира, Елиза ќе мора да открие неколку мистерии: зошто мама и баба не зборуваат? Каде се наоѓа егзотичниот остров Алдабра? Кој е човекот од интернет што толку се интересира за трансформацијата на баба? Преводот од италијански јазик е на Анета Симовска (160 стр., за возраст 9-14 години).

Романот „Моторот на вештерката“ од Вероника Бенет е приказна за Зек Мозел, кој мора да го мине летниот одмор со својата ексцентрична баба Мег, бидејќи мајка му и татко му се на пат во далечната Словоднија. Но пред летото да стане премногу здодевно, Зек открива дека неговите родители се исчезнати, па тој и Мег тргнуваатда ја откријат мистеријата околу нивното исчезнување. Додека патуваат низ Европа, Мег и Зек се среќаваат со опасности, нови пријатели, непријатели и возбуда…сето ова патувајќи на еден необичен мотор. Преводот од англиски јазик е на Зоран Попоски (120 стр., за возраст 9-14 години).

Во рамки на одбележувањето на Годината на активно стареење, „Вермилион“ наскоро ќе ја објави и книгата „Тори и пиратската кралица“ од Криста Јохансен. Во овој втор наслов од серијата волшебни приказни, Тори ги води детските читетели на морска авантура со Ана и пензионираниот пиратски екипаж на дедо ѝ.

Универзитетот „Трето доба“ е организација за доживотно учење и активен-здрав живот во трето доба.  Во неа членуваат околу 470 пензионери-студенти над 50-годишна возраст чија цел е континуирано образование и дружење заради посодржаен живот.

Издавачката куќа „Вермилион“ е посветена на промовирање литература за деца и млади, во превод и од домашни автори, која поттикнува меѓународно разбирање и ширење на вредностите на културата за мир. Сите изданија на „Вермилион“ се печатат на рециклирана хартија.

 

 

You May Also Like