Проекции на „Трето полувреме“ на УГД во Штип

Македонскиот кандидат за Оскар, филмот „Трето полувреме“ во режија на Дарко Митревски почнувајќи од утре (четврток, 8 ноември) ќе се прикажува во Мултимедијалниот центар на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Покрај проекцијата в четврток, филмот ќе се прикажува и на 9 и 10 ноември, со почеток во 20:00 часот.

„Трето полувреме“ е филм кој говори за љубовта и херојството, за обичниот човек од Македонија, за луѓето кои во едно историско време ја одбрале вистинската страна. Сценариото за филмот е работено според вистинската приказна и сведоштвото на Нета Коен (православно име Марија Младеновска), Еврејка од Скопје, жената што е пресликана во централниот лик – Ребека во филмот „Трето полувреме“.

Продуцентите велат дека филмот е приказна за различни херои: „’Трето полувреме’ е приказна за неколку луѓе собрани околу најважната работа во светот – фудбалот, во најтурбулентното време во историјата на светот – Втората светска војна. Тоа е приказна за играчите на ФК ’Македонија’ и нивниот германско-еврејски тренер Рудолф Шпиц, кој ги води низ патот кон титулата шампион на Нацистичката фудбалска лига. Ова е приказна за основачот на клубот, Димитрија, кој треба да избере меѓу својата љубов кон неговиот тим и неговата лојалност кон новиот поредок. Ова е приказна за неговиот најдобар напаѓач Коста, познат шверцер, кој се вљубува со една убава и богата девојка. Ова е приказната за Ребека, еврејска принцеза на зрно грашок, која прифаќа, во нејзината мала соба, со неа да живее фудбалер (со тоа се измолкнува од горчливата судбина на нејзиниот народ). И најпосле – ова е приказна за фудбалот, игра што во тие страшни времиња е повеќе од игра: тој е бојно поле помеѓу Доброто и Злото“.

Во актерската екипа која го работеше филмот се вклучени: Сашко Коцев, Катарина Ивановска, Раде Шербеџија, Игор Ангелов, Ѕвезда Ангеловска и многу други.

You May Also Like