Никола Маџиров од 8-ми до 10-ти ноември ќе престојува во Франција, каде што пред европската и француска јавност ќе бидат претставени добитниците на европската книжевна стипендија „Маргерит Јурсенар“ за 2013 година.
Во текот на претставувањето на авторите пред пошироката јавност, поезијата на Никола Маџиров ќе се чита на македонски и француски јазик, а тој ќе учествува и на трибина на која авторите ќе дебатираат за пишувачките и преведувачки искуства.
Оваа стипендија се доделува на автори од Европа за досегашниот придонес во современата европска литература, како и за развивање на нов ракопис за време на престојот.
Никола Маџиров е единствениот избран балкански автор за 2013 година и тој ќе престојува еден месец во Вилата Маргерит Јурсенар во текот на следната година.
Од Франција, Маџиров патува за Берлин, каде на 10-ти ноември ќе настапи како специјален гостин на меѓународниот поетски фестивал за латиноамериканска литература „Латинале“ на кој ќе ја чита поезијата на македонски јазик, а актери ќе ги читаат песните во превод на германски и шпански јазик.