Вчера (18 јануари, 2013 година, петок), по повод манифестацијата „Роденденот..“ во МКЦ беше отворена изложбата на дела од трите генерации ликовни уметници на семејството Коџоман, I, II, и III, која е поставена во целосно обновената галерија при ЈУ МКЦ – Скопје.
Делата од поставката ги илустрираат 110-те години уметнички континуитет, почнувајќи од основоположникот на современиот ликовен израз во Македонија, Вангел Коџоман I, преку Милош Коџоман II, еден од најетаблираните и најактуелните македонски ликовни уметници и на крајот, но не заборавен, големиот Вангел Коџоман III, уметникот, кому несомнено му претстои голема морална и историска обврска да ја продолжи оваа несекојдневна успешна ликовна приказна. Куратор на оваа поставка, којашто е можеби единствена во Европа и светот, е истакнатиот историчар на уметност, Емил Алексиев.
Согласно со пропишаните галериски стандарди во најетаблираните галериски и музејски простори во Европа и во светот, сите неопходни нешта и опрема веќе се импрегниран дел од новата галерија, со што покрај новоизградениот Музеј на современата уметност во Загреб, галеријата при МКЦ, ја прават единствен галериски простор од ваков вид на Балканскиот Полуостров и по 4 децении, галеријата при МКЦ конечно го доби својот нов лик.
Во галеријата е поставено најсовременото наменско шинско осветлување со максимална мобилност на светлечките тела со цел соодветно претставување на уметничките дела, вградени се посебен вид специјални галериски светилки кои не зрачат топлина која би ги оштетила уметничките дела; инсталиран е постојан видеонадзор со современ алармен систем; монтиран е шински систем за излагање на делата со што ѕидните површини ќе се заштитат од оштетување; поставени се индикатори за температура и влажност на воздухот во галеријата; поставен е најсовремен аудиосистем; целосно е реконстурирана покривната, ѕидната и подната површина; на подот се поставени плочки од природен гранит; вградени се специјални материјали што ја овозможуваат одредената потребна влажност на воздухот и константната температура; поставена е соодветна топлотна и звучна изолација, што претставува и заштита од надворешните температурни и звучни влијанија; вградени се подвижни галериски паноа, истите, монтирани на специјални шини, со што се овозможува постојана подвижност и повеќенаменска активна површина за излагање.
Градот Скопје веќе неколку години по ред, континуирано од Буџетот одвојува финансиски средства за обнова на оваа Јавна установа што годинава полни 40 години од својот културно-уметнички живот. За реализација на капиталните вложувања во МКЦ, за изминатите 4 години, Градот Скопје, од Буџетот издвои околу 26 милиони денари за реконструкција на Денсинг салата, реконструкција и санација на ентериерот на МКЦ и за набавка и инсталирање на 3Д опрема во кино Милениум, реконструкција на санитарните јазли во објектот на МКЦ, ликовната галерија и влезен хол, просторот на Планетариумот, реконструкција и пренамена на подрумскиот простор за музички клуб и реновирање на Џепното кино, а за реализација на програмските активности на МКЦ, Градот издвои околу 83 милиони денари. За реконструкција на кровот, фасадата, прозорците и други градежни зафати во објектот на МКЦ, преку Европскиот ИПА фонд вложени се средства во висина од 640.000 евра или во денарска противредност 39.360.000 денари.