Промоција на новата книга „Сите наши тела“ на бугарскиот автор Георги Господинов

Утре (02.04., вторник) од печат излегува најновата книга од реномираниот бугарски писател Георги Господинов, збирката раскази „Сите наши тела“.

Преводот од бугарски јазик е на Душко Крстевски. Книгата е во издание на Или-Или, како 170. наслов во популарната едиција ПРОаЗА.

Овие раскази можат слободно да се именуваат како микрораскази. Кратки, секавични, налик на едноминутните новели на Иштван Еркењ и приказните на Хармс, Господинов успева да вметне максимум информација во минимум јазичен простор. Ниту еден од овие стотина раскази не е здодевен, изнасилен, банален или „залудно испукан куршум“. Варираат според темите што ги покриваат. Присутни се и мноштво моменти на таканаречената ониричка фантастика (фантастика на сонот), темата на животот и смртта споени во новата поетска фантастика, па сè до сликите од детството кои истовремено и иницираат носталгија и нè оставаат замислени за тоа каде се изгуби невиноста на животот.

Самиот Господинов верува дека во време кога веќе не постојат големи нарации во книжевноста, а долгите говори се сведуваат на кафанско дрдорење или малограѓански озборувања, една ваква книга е повеќе од потребна за да ни овозможи да го искомбинираме литературниот вкус и уметничкиот слободен термин во секојдневниот набиен распоред на работа и тривијални обврски. Овие микрораскази се совршена лектира додека го чекаме утринскиот автобус, додека чекаме да нè повикаат на шалтер во банка и додека ја чекаме девојката или дечкото во преполното кафуле. Совршена книга за кратки медитации.

——————————————————–

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени книгите: „Природен роман“( Темплум, Или-Или), „И други приказни“ (Темплум), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), сите во превод на Никола Маџиров, неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (Или-Или, 2015) , и збирката раскази „И се’ стана месечина“ (Или-Или, 2017), во превод на Душко Крстевски.

You May Also Like