Режисерот Милчо Манчевски е дел во жирито на престижниот Филмски фестивал во Венеција. Годинава фестивалот го има своето 69-то издание.
Најуспешниот македонски режисер Милчо Манчевски е член на жирито на Филмскиот фестивал во Венеција, што ќе трае до 8 септември. На годинешново 69 издание на најстариот и најпрестижен филмски фестивал на светот, Манчевски е во жирито на секцијата „Хоризонти“, која заедно со „Венеција 69“ се двете секции на Официјалната селекција на фестивалот во кои се доделуваат награди.
Манчевски во Венеција се враќа осумнаесет години по победата со Златниот лав за најдобар филм за „Пред дождот“ и 11 години откако со „Прашина“ го отвори Венецискиот фестивал.
„Хоризонти“ е од понов датум и фестивалот ја претставува како: „селекција на филмови кои ги претставуваат најновите трендови и компоненти на современиот филм и во неа учествуваат дебија и независни филмови кои се спротиставуваат на жанровските филмови и тенденции, а со цел да откриваат и демонстрираат креативна оригиналност“.
Претседател на жирито на Хоризонти е италијанскиот актер Пјерфранческо Фавино, а жирито доделува 3 награди.